Отворена истрага за двајца цариници за примање поткуп

    1063

    Освен предметните 70 евра, полициските службеници, во службени простории, пронашле и други парични средства

     

    Основното јавно обвинителство во Куманово отвори кривична истрага за двајца царински работници за кривично дело примање поткуп.
    Како што информираат од обвинителството, во неделата, во 2,50 часот наутро, на Граничниот премин „Табановце-Патен“, во својство на службени лица-царински службеници вработени во Царинската Управа на Република Северна Македонија, побарале и примиле подарок за да не извршат службено дејствие што би морале да го извршат. Осомничените при вршење царинската контрола на возачот на патничко возило „фиат дукато“ ( со германски регистарски ознаки), побарале и примиле парични средства во висина од 70 евра. Паричните средства биле примени за да не извршат службени овластувања и надлежности кои произлегуваат од нивните работни места, односно доколку се исполнети законските услови на возачот и сопатниците да им пресметаат и наплатат задолжителни царински давачки при внесување стока. Откако бил примен подарокот, осомничените на лицето му дозволиле непречен влез во државата без да биде извршена редовната царинска контрола и без да биде извршена проверка на стоката која ја носел.
    При извршен претрес од страна на полициски службеници, во службени простории, пронајдени се и други парични средства кои се предмет на натамошно преземање дејствија во рамки на истрагата на обвинителството.
    Постапувајќи по поднесената кривична пријава, надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување на истрага, а даден е и предлог за нивно притворање што, пак, е прифатено од Судија на претходна постапка кој им изрекол мерка притвор во траење од по 30 дена.

    Спонзорирано