ОДБРАНАТА БАРА ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА ТАЧИ И ИБРАИМИ ВО „ТИТАНИК 2“, ТИЕ СЕ ПОВИКУВААТ НА АБОЛИЦИЈАТА НА ИВАНОВ

983

Мендух Тачи се откажа, но затоа, пак, неговиот сопартиец и сега веќе поранешен член на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими, цел час даваше завршен збор во судската постапка за предметот „Титаник 2“, во која освен од нив двајцата кривична одговорност се бара и од Анета Стефановска, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и од екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Обвинетиот Тачи пред судечкиот совет кажа дека нема да дава завршен збор, но дека ќе го поддржи сето она што во негово име ќе го каже неговиот и бранител на Бедредин Ибраими, адвокатот Елвир Исени.

Исени побара судот да донесе одбивателна, односно ослободителна пресуда за Тачи и Ибраими и се повика на мислењето на Врховниот суд за членот 22 од Законот за СЈО, односно за неможноста да се поднесува обвинение 18 месеци по прием на материјали. Исени се повика и на одлуката за аболиција на претседателот Иванов којашто беше повлечена, а потоа и прогнозираше дека осудителна пресуда нема да опстане птред било кој меѓународен суд.

– Јас сум легалист! Немало никакви притисоци, ниту обиди за притисок за да може да се стори кривично дело: повреда на избирачко право. Прекршување на Законот има, но од преговарачите во Пржинскиот процес и тоа од сите нив – без исклучок! Тие побараа да се избришат 39.000 гласачи, а јас за ова што го зборувам бев најгласен од најгласните! – изјави Бедредин Ибраими.

Ибраими ја обвини неговата поранешна колешка од ДИК, Виолета Дума, дека поседувала „натприродна и надчовечка моќ“, бидејќи можела да чита туѓи мисли. Тој побара судот да го казни СЈО и рече дека не остварил никаква лична корист и дека не предизвикал никаква штета. Ибраими побара од судот да ги цени доказите, бидејќи во спротивно овој судски процес ќе се претворел во „процес Драјфус“!

Судењето за предметот „Титаник 2“ ќе има уште едно продолжение, а потоа судот ќе ја изрече пресудата за овој случај, кој почива на телефонски разговори со кои се договораат прегласувања и поништување на гласање, на локалните избори во 2013. година.

Спонзорирано