Обвинителство со резолуција дека „Дрисла“ не загадува со палење на медицински отпад

1445

Извршенените тестирања покажале дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности и затоа е донесена одлука за откажување од кривичен прогон

Јавен обвинител од скопското јавно обвинителство, а кој постапувал „по допрен глас“ за незаконито согорување медицински отпад на депонијата „Дрисла -Скопје“ ДОО Батинци, донел резолуција со која се потврдува дека нема место за јавнообвинителска интервенција.
„Заради утврдување на фактичката состојба јавниот обвинител спроведе обемна предистражна постапка во рамките на која прибра податоци и извештаи кои се однесуваат на еколошките дозволи што ги поседува депонијата и на резултатите од редовните, контролните и вонредните инспекциски надзори извршени во текот на 2017 и 2018 година. Во исто време, беше сослушан и претставник на Државниот инспекторат за животна средина кој ги појасни наводите и ги потврди констатираните состојби при извршените инспекциски надзори. Дополнително, од јавниот обвинител, на 25. феверуари 2019 година, беше формиран и истражен тим со истражители од Царинската управа и од Управата за финансиска полиција кои преземаа дејствија за проверка на сомнежите пласирани во јавноста во врска со незаконит увоз и согорување медицински отпад во ‘Дрисла-Скопје’“, се вели во службениот допис од обвинителството.
Оттаму велчат дека анализата на прибраните извештаи покажала дека при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина, на први декември 2017 година, било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните CO, SO2 и прашина од работењето на инсинераторот на печката за спалување медицински отпад ги надминуваат граничните вредности, согласно правилникот за гранични вредности на емисии при согорување на отпад и услови и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување. По оваа и ваква констатација, Инспекторатот донел решение со кое го ограничил работењето на инсинераторот за спалување медицински отпад на најмногу 8 часа во текот на еден работен ден и целосно го забранил работењето во деновите кога се надминати праговите за алармирање на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух во Скопје. Со спогодба, правниот субјект бил задолжен да плати одмерена глоба во износ од 8.500 евра. Во исто време, депонијата била задолжена во рок од 90 дена да ги доведе емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во дозволените граници.
Подоцна, конкретно во текот на 2018 година, депонијата извршила набавка и инсталција на нови филтри и направила измени на инсинераторот за медицински отпад, а при извршените контроли од инспекторатот било констатирано дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности. Веќе на 22. јанувари минатата година депонијата ги известила Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање дека печката за согорување медицински и друг вид опасен отпад е ставена вон употреба поради дефект и физички оштетувања на филтерот за прочистување издувни гасови. Констатираниот дефект бил отстранет веќе во февруари, а извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности, по што печката повторно била ставена во употреба. Во меѓувреме, медицинскиот отпад се собирал и складирал во депонијата, но не се согорувал.
Во периодот од 22. ноември 2018 до седми март следната година, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, во кругот на депонијата Дрисла, поставил мерен инструмент „AIRPOINTER-Recordum“, со цел да мери и собира податоци за квалитетот на воздухот во близина на печката каде се согорува медицински отпад. Од извештајот од мерењата се констатира дека во најголем дел резултатите од мерењето се во дозволените граници, а во периодите кога има надминување тоа е со краток максимум од 70 до 80 микрограми на метар кубен што е во рамките на европскиот просек за урбани средини.
Јавниот обвинител ги обезбедил и резултатите од извршените мерења и анализи на технолошката вода и на водата за пиење во депонијата, извршени од ЈЗУ „Центар за јавно здравје“, кои исто така се во рамките на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри.
„Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата ‘Дисла’, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет“, се вели во соопштението на обвинителството, од каде и констатација дека не постојат докази кои упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донесе одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот.

Спонзорирано