Обвинителен предлог за возачот на камион за несреќата на скопската обиколница

    436

    Основното јавно обвинителство Скопје поднесе овинителен предлог против едно лице за кривично дело: тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
    Сега обвинетиот, на 21. овој месец, како учесник во сообраќајот, на автопатот Скопје-Тетово, односно на скопската Обиколница, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и ги довел во опасност животот и телото на луѓето.
    Обвинетиот, критичниот ден, управувал товарно моторно возило, а кога дошол пред надвозникот Визбегово тој не се движел по средината на обележаната сообраќајна лента, но со десните тркала на се движел по сообраќајната лента за принудно запирање со што постапил спротивно на член 29 став 1 и на член 132 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
    Тој удрил во задниот лев дел на автомобил „БМВ 535“, со гостиварски регистарски ознаки, кој бил запрен во десната сообраќајна лента заради контрола од страна на мобилна сообраќајна полициска екипа. Од силата на ударот, патничкото возило се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил „шкода јети“ и во метална ограда крај патот. Автомобилот „БМВ“ се запалил, а сопатникот во него се здобил со изгореници, по што починал на лице место. Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците-возачот на автомобилот „БМВ“, кој бил надвор од својот автомобил и во двајца полициски службеници. Сите тројца се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје. Еден од полициските службеници подоцна им подлегнал на повредите здобиени во сообраќајната несреќа.
    Надлежниот јавен обвинител до кривичниот суд доставил предлог за продолжување на мерката притвор за сега обвинетиот.

    Спонзорирано