ОБВИНИТЕЛЕН ПРЕДЛОГ ЗА СОПСТВЕНИКОТ НА „БЕСА ТРАНС“

148

Скопското Основно јавно обвинителство денеска поднесе Обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело: фалсификување исправа.
Иако од Обвинителството не информираат за кого точно се однесува обвинението, сепак од наводите изнесени во нивното соопштение може да се заклучи дека станува збор за сопственикот на транспортната компанија „Беса транс“.
„Обвинетиот 41-годишник, како управител на правно лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа -Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница. Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини“, се вели во соопштението лиферувано од Обвинителството, од каде и информација дека сите обезбедени докази за постапувањето на царинските службеници ќе му бидат доставени на Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.​

Спонзорирано