Обвинение за смртта на родилката во „Санте плус“

799

За лекар – специјалист, од болницата „Санте плус“, скопското јавно обвинителство Скопје поднело обвинителен предлог со кое го товари дека сторил кривично дело: тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 а во врска со член 207 став 3 во врска со став 1, како и едно кривично дело: тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 3 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сега обвинетиот лекар, на 18. јануари 2018 година, како лекар – анестезиолог, при укажување лекарска помош, применил неподобен начин на лекување и со тоа предизвикал смрт кај родилката Дебора Ќерими -Џамбази, како и тешко нарушување на здравјето на нејзиното новороденче.
„Спротивно на Законот за здравствена заштита, обвинетиот вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување, склучил Договор за дело со приватна здравствена установа, со кој се обврзал да ги извршува работите на работно место доктор-анестезиолог во периодот од 16. до 28. јануари 2018 година. Притоа, тој го склучил договорот без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница. Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно Законот за здравствена заштита немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност. На овој начин тој се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари -гинеколози, кои на 18. јануари 2018 година, вршеле хируршки зафат – царски рез на сега починатата родилка“, се вели во соопштението на обвинителството во кое се ојаснува и тоа дека обвинетиот започнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот што предизвикало недостаток на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од стореноето кај родилката настапил смртен исход, а кај новороденчето трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво.
„Од обезбедените материјални докази од сите релевантни институции кои поседуваат документација, како и од медицинските вештачења од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, произлезе дека во овој предмет од кривично-правен аспект постојат елементи на кривична одговорност за едно лице. Исто така, од сите обезбедени докази, од прекршочно-правен аспект произлезе дека постои основ и за прекршочна одговорност, па така, обвинителството во јануари 2020 година до Министерството за здравство поднесе Иницијатива за покренување прекршочна постапка против две правни лица, против одговорните лица во тие две правни лица, како и против двајца други здравствени работници -доктори“, велат од обвинителството.

Спонзорирано