ОБВИНЕНИЕ ЗА ЕКС-ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ИПА ФОНДОВИТЕ

556

Обвинетиот Јахи Јахија примил 42.430, а на неговата „партнерка“ и биле уплатени 57.052 евра, но поради сторените злоупотреби државата ќе треба да врати 1.753.927 евра

 

Поранешниот државен секретар во министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија (48), од вчера и формално е обвинет за злоупотреби со ИПА фондовите, за недозволено поседување на огнено оружје, а со второобвинетата Ј.Г. ( 53) и за перење пари и други приноси од казнено дело.
„По спроведена истрага од меѓународни рамки во која беа вклучени и меѓународните организации ‘ОЛАФ’ и ‘Еуроправда’, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, поднесе Обвинителен акт против две лица“, се вели во соопштението лиферувано од Обвинителството, а во кое е наведено дека се се случувло од октомври 2012 до април 2017 година. Имено, во споменатиот период Јахија е именуван функционер и претседател на Управувачки комитет на проект. Тој, по претходен договор со сега второобвинетата, инаку раководен државен службеник и член на Управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за правно лице од Италија, постапиле спротивно на нивните службени обврски и ги искористиле своите службени положби и овластувања.
“Обвинетите, спротивно на принципот за доверливост и на принципот за еднаков третман на апликантите дефинирани во PRAG/ПРАГ – ‘Практичното упатство’, кое е задолжително за постапување на сите корисници на средства од ИПА фондови, иако биле свесни дека е недозволиво, споделувале доверливи тендерски информации за условите за работење и ‘ТОР’ (Terms of references), за два ИПА проекти, што се спроведувале во две министерства. Правното лице од Италија ги искористило неовластено споделените информации и изготвило понуда адаптирана на потребите и ги исполнило сите технички и финансиски услови. Обвинетатра Ј.Г., во договор со Јахија, за едниот проект помогнала при изготвување на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја прилагодила согласно на условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите“, велат од Обвинителството и потврдуваат дека ним, од италијанската фирма, освен со туристички патувања им биле дадени и пари, односно дека Јахија примил 2.609.445 денари или 42.430 евра, а Ј.Г. примила 3.508.698 денари, односно 57.052 евра. Средствата, итакијанската фирма ги уплатила на сметка на обвинетата, но во Грција.
Со преземените дејствија обвинетите ја довеле во прашање законитоста на проектите. Европската комисија, преку Генералниот директорат за проширување и соседска политика, побарува поврат на средствата во висина од 982.307 евра за првиот и уште 771.620 евра за вториот проект или се вкупно 1.753.927 евра.
Државниот секретар Јахи Јахија на таа функцијата стапил во 2011 година. Тој од 2000. година работи во Агенцијата за администрација како советник за односи со јавноста и државен советник за координација и селекција на државните службеници. Во 2011. станал и член на Управниот одбор на Регионална школа за јавна администрација, а три години подоцна и нејзин претседател, а четири години подоцна станува член на Регионалниот центар за државна служба во Астана, Казахстан.
Јахи Јахија дипломирал за студиите по новинарство на Универзитетот во Тирана. Во 2003. година станал магистер на политички науки на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија.
Инаку, при претрес на неговиот дом, во 2019. година, полицијата пронајде и заплени пиштол (,,Luger“), којшто го поседувал незаконски.​

Спонзорирано