Обвинение за две лица кои се закануваа во автобус на ЈСП “Скопје“

283

Скопското јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог две лица, на возрас од по 31 година, бидејќи сториле кривично дело насилство.
Како што информираат од обвинителството се работи за лицата кои на петти ноември минатата година, во автобус на ЈСП „Скопје“ кој сообраќал на линијата број 7, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на оштетениот возач и на патниците во автобусот. „Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица ‘Рекорд’ без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема. Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина. Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото“, се вели во службениот допис на Јавното обвинителство и притоа се појаснува дека со дејствијата, сега обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај оштетениот возач и патниците на автобусот.

Спонзорирано