НИТУ ДОВЕРБАТА ВО СУДСТВОТО Е ПОДИГНАТА, НИТУ, ПАК, ИМА ПРИЧИНА ЗА ТОА!

2698

Привилегиите и новите, повисоки плати, не само што нема да влијаат но подигањето на довербата во судството, туку можат да предизвикаат котраефект и нов пад на довербата

Љубиша Станковиќ

Серијата заложби на новиот министер за правда, Бојан Маричиќ, продолжи и минатата недела кога, по направен пресек за состојбите во правосудството, најави нови, подобри услови за работа за судовите и обвинителствата!
Желбите на министерот се добра работа. Добро е и тоа што кај него постои желба работите да се менуваат на подобро, но разрешување на осум судии и поведување на дисциплинска постапка за уште 80 судии не води во насока на разрешување на наталожените проблеми.
Не знам какви се размислувањата на министерот по прашање на разрешувања или суспендирања на судии, но мислам дека таква една разврска само на кратко може да спречи трупање на нови проблеми, под претпоставка тие исти судии да не донеле и пресуди по кои ќе треба дополнително да се интервенира?
Многу смела е констатацијата дека: „основна задача е на дело да се покаже дека се подига довербата на граѓаните во судството“!
Врз основа на што го темели ваквото мислење министерот Маричиќ?
Несомнено дека е вистина она што тој го говори, а се однесува на привилегиите и на високите плати, но тие никако не можат да влијаат на подигањето на довербата во судството. Впрочем, искуствата се такви што упатуваат на сосема обратен заклучок – довербата во судството е се помала!
Ајде да се согласиме дека е потребно Владата да им ги подобри капацитетите на судовите и на обвинителствата, но дали тоа претпоставува дека тие ќе ја зголемат сопствената одговорност?
Мислам дека такво „обврзување“ на судовите и на обвинителствата тешко дека може да се случи?
Некој на ова ќе рече: „Колку се полоши, толку повеќе се вложува!“. И нема да биде далеку од вистината, бидејќи платите на судиите и обвинителите одамна се над илјада евра! За тие пари некој “би се убил” од работа, но не сите ги заслужуваат овие или, утре повисоките плати!
Дали ние навистина забораваме или само имаме кратко паметење? Треба некој да не потсетува дека во сите извештаи на Европската комисија за
Северна Македонија редовно се акцентира (не)работата на судовите? Треба да се присетиме дека нивната работа се подведуваше како лоша, односно како работа под диктат и(ли) притисок?!
Точно е тоа дека во последниот извештај на ЕУ има мало поместување во позитивна насока, но тоа не значи дека судиите ( па и обвинителите) преку ноќ станале и стручни и совесни во работата и дека заради направениот „исчекор“ заслужуваат уште поголеми плати?
Но, ако одговорот на ова прашање е афирмативен, тогаш ајде, наместо планираниот нетипичен ветинг, да пристапиме кон враќање на она што досега било исплатено – за незавршена или лошо завршена работа?!На крајот ќе искажам уште едно свое несогласување со министерот Маричиќ. Се работи за ветинг, кој, според мое мислење, е насушна потреба, во спротивно ќе ја имаме состојбата за која еден разршен судија рече дека секој судија си има „дуќанче“?!
Поенатата не е да обвинам кој било судија, туку со направениот ветинг да бидат заштитени сите оние кои чесно си ја работата својата работа!
И секако, заради реализирање на сопствените планови, пожелно е министерот за правда повеќе да биде присутен во судовите и обвинителствата!

 

П.С.
Ова не е коментар за некого да навреди или да чепне во нечија суета! Напротив, намерите се на министерот Маричиќ да му се укаже на одредени состојби и така да му се помогне во работата

Спонзорирано