Со одлука на Јавен обвинител од скопското основно обвинителство отфрлена е кривичната пријава за три физички и две правни лица за сторени тешки дела против здравјето на луѓето, односно за смртта на лицето Булент Ибрахим.
Кривичната пријава, како што информираат од обвинителството, семејството на починатиот ја поднело по лекарска интервенција извршена врз сега покојниот Ибрахим, на 18. февруари 2019 година, а којашто ја извршил еден од пријавените лекари во изнајмена операциона сала во сопственост на вториот пријавен, а со асистенција на третата пријавена. Имено,според семејството, пријавените очигледно неподобно средство и начин на лекување, како и несоодветни хигиенски мерки со што предизвикале влошување на здравствената состојба на пациентот, кој по оперативниот зафат добил висока температура и сепса. Првопријавениот лекар кој ја извршил интервенцијата, наместо да го упати пациентот на лекување во специјализирана здравствена установа, доаѓал во домот на оштетениот и му давал инфузија, а кога на 21. истиот месец констатирал дека терапијата што ја препорачал не дава ефект и дека пациентот е во критична состојба тој, со сопствено возило, го однел во ГОБ „8-ми Септември“, каде и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот, тој починал.
„По приемот на пријавата, Основното јавно обвинителство Скопје го спои овој предмет со предметот кој веќе беше оформен врз основа на допис од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведен здравствен надзор врз здравствените установи каде била извршена интервенцијата врз пациентот. Постапувајќи во рамките на своите надлежности, јавниот обвинител ја обезбеди целокупната медицинска документација за третманот на починатото лице и ја проследи до Лекарската комора и до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија од кои побара да изготват стручно мислење по однос на постапувањето на докторите во конкретниот случај“, се вели во соопштениетѕо на обвинителствто и притоа се појаснува дека Лекарската комора, со допис, ги известила дека по спроведен стручен надзор едногласно констатирала дека лекувањето на лицето Булент Ибрахим, условите и начинот на лекување, односно на укажување здравствена заштита билe спроведени без стручни пропусти, согласно упатствата на медицината базирана на докази.
Институтот за судска медицина, пак, постапувајќи по наредбата од Основното јавно обвинителство Скопје со допис одговори дека со оглед на тоа што не е извршена ниту судско-медицинска ниту патолошка обдукција врз починатото лице, не може да се утврди причината за смртта на Ибрахим, односно причинско-последичната врска меѓу извршената интервенција и смртта на пациентот. Јавниот обвинител се интересираше за можноста да се изврши ексхумација на телото на починатиот, при што доби одговор дека таква обдукција не би била од корист во смисла на доказна вредност, бидејќи органите и ткивата веќе би биле трулежно променети.
Подносителите на пријавата во текот на постапката приложија и приватно вештачење изготвено од лекар – судски вештак од областа на хирургија и трауматологија, кој извршил вештачење врз медицинската документација која му била доставена од семејството и констатирал причинско-последична поврзаност меѓу извршениот оперативен зафат и смртта на пациентот. Јавниот обвинител го повика на распит вештото лице, а при неговото испитување, заради професионална помош од областа на судската медицина, ангажираше и двајца технички советници од Институтот за судска медицина. Во текот на распитот вештакот наведе дека е „тешко да се утврди постоење на сепса и таа да се поврзе со смртта на пациентот, без притоа да биде направена обдукција и во целост се согласи со техничките советници дека е потребно да постои обдукционен протокол“, односно дека во конкретниот случај отсуствуваат релевантни докази. Тој се изјаснил дека во конкретниот случај сепсата била една од можностите за настапување на смртта, но не и единствена можност и дека отсуствуваат битни докази за да се утврди причинско-последичната врска.
Првопријавениот лекар, кој го извршил оперативниот зафат, пред јавниот обвинител го негираше сторувањето на кривичното дело и потенцираше дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и формираната стручна комисија во Министерството за здравство не констатирале пропусти во однос на неговото постапување како доктор.
Немало лекарска грешка во случајот на Булент Ибрахим
Спонзорирано