На аеродром уапсен гостиварец кој се заканувал на владин функционер

1205

Гостиварец, по кој трагала полицијата поради тоа што му се заканувал на владин функционер преку социјалните мрежи, е приведен синоќа на аеродромот во Скопје

Од МВР соопштија дека М.М. (28) е приведен на граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје“ и потоа е предаден на Полициската станица во Гостивар, затоа што се барал со централен распис од Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар.

На 6 јули, за М.М. била поднесена кривична пријава за „загрозување на сигурноста“, согласно со член 144 став 4 од Кривичниот законик.

„М.М. се сомничи дека преку социјалните мрежи упатувал закани, односно ја загрозил сигурноста на функционер на Владата на Северна Македонија. Тој е задржан во Полициската станица – Гостивар и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд – Гостивар“, се појаснува во соопштението од МВР.

Како што неофицијално се дознава осомничениот му упатувал закани на актуелниот премиер Оливер Спасовски.

Спонзорирано