МВР СО НАЦИОНАЛНА ПОТЕРНИЦА ЗА САШО МИЈАЛКОВ

645

Обвинителството цени дека дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање на сторител по извршено кривично дело“, односно дека некој му помогнал на Мијалков да побегне

Министерството за внатреши работи распиша национална потерница по поранешниот директор на сега расформирана Управа за државна безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Потерницата доаѓа откако вчера попладне Мијалков не бил достапен за судските органи кои се обиделе да му врачат решение со кое му се изрекува мерка куќен притвор. Одлуката на судот, донесена по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, дојде на сам о пет дена пред објавата на првостепената пресуда за случајот наречен „Таргет – Тврдина“, односно за масовното прислушување на иладници граѓани, а во кој Мијалков се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, за злосторничко здружување и за примање награда за противзаконито влијание.
Во меѓувреме со свое видување за настанот се огласи и Јавното обвинителство.
„Во врска со издржувањето на мерката куќен притвор на обвинетиот Сашо Мијалков, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја информира јавноста дека во моментот на завршување на главната расправа за предметот ‘Таргет-Тврдина’, обвинителите кои постапуваа во предметот немале никакви индиции дека обвинетиот подготвува бегство, но и покрај тоа, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле Министерството за внатрешни работи дека главната расправа е завршена. Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков МВР ги сподели со обвинителството на 20. февруари оваа година, во саботата во 23 часот. Во неделата наутро, по направени проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12 часот, а со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и МВР“, велат од Обвинителствто и појаснуваат дека, по завршувањето на административните процедури, обвинителите, во 14,30 часот, се упатиле кон кривичниот суд каде, половина час подоцна, предлогот за определување на притвор бил примен од судот и со судско решение на Сашо Мијалков му била определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор.
„Решението од Обвинителството е примено во 18,45 часот. Во меѓувреме, до прием на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во МВР дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган. Во 21,20 часот Обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден. Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело ‘помагање на сторител по извршено кривично дело’, од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија.​
Инаку, судската пресуда за случајот „Таргет – Тврдина“, како што е познато, треба да биде изречена на 26. овој месец, а во овој предмет, освен Мијалков, обвинети се уште 11 други лица, меѓу кои и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и, главно, вработени во УБК. На листата обвинети се најдоа и имињата на поранешниот началник Горан Грујевски и неговата „десна рака“, Никола Бошкоски, но и тие се во бегството, во Грција.

(Љ.С.)

 

Спонзорирано