Судија на претходна постапка изрекол мерка притвор за уште седум други лица опфатени со овој предмет, а за двајца осомничени се изречени поблаги мерки
Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и уште седуммина други осомничени во аферата наречена „Шпански скали“ завршија во затворот „Скопје“, откако судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството за гонење на организиран криминал со кој се бараше изрекување на мерка притвор.
Како што претходно информираа од Основното обвинителство за гонење на организиран криминал тие го повлекоа предлогот за изрекување на мерка притвор за две лица, односно за нив била побарана поблага мерка за обезбедување.
„Постапувајќи по предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд во Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и им определи мерка притвор на лицата: М.Ј., А.Ј., Е.Р., М.Ј., Д.Д., В.С., Д.М., и Л.С. На лицата Б.Д. и С.К. им определи мерки на претпазливост. За М.Ј. и Е.Р. се исполнети условите од точка 1 и 2 опасност од влијание, а за останатите осомничени, сите 3 точки“, информираа од кривичниот суд.
Имено, освен Јанакиески меѓу притворените се наоѓаат и Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ, како и Дејан Митревски, актуелен претседател на Општинскиот комитет во Аеродром, како и Емилија Радојкова, државен правобранител за подрачјето на Град Скопје.
Споменатите, но и вработените во Министерството за транспорт и врски, нотарите и вработениот во Катастарот се сомничат за дека учествувале во голем коруптивен случај тежок 2,5 милиони евра. Имено, според објаснувањата на Јавната обвинителка, Ивана Трајчева, станува збор за склучување на договори за отуѓување на земјиште во сопственост на државата, односно за четири локации на кои требало да се изградат хотелски комплекси, како и таканаречените „Шпански скали“. Осомничениот Јанакиски градежните плацови ги продал по цена од едно евро, но купувачите, и покрај добиените одобренија за градба, не презеле никакви градежни активност.