Љупчо Златев обвинет за изнесување службена тајна на АНБ

1478

„Лидер“ е еден од порталите во земјава што се спомнуваа во контекст на „унгарските пари“ што се слевале во медиуми во Словенија и во Северна  Македонија

 

Скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог против новинарот Љупчо Златев за оддавање службена тајна.

Тој е обвинет дека како главен и одговорен уредник на порталот „Лидер“ објавил текст во кој изнел податоци од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), до кои дошол на противправен начин.

Според обвинителството, станува збор за информации кои според внатрешните прописи на АНБ се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за Агенцијата.

„На 9 јули на интернет порталот и на фејсбук-страницата на тој интернет-портал, обвинетиот објавил текст со наслов: ’Скандалозни документи од Управата за безбедност и контраразузнавање: Синот отстранет од Агенцијата за национална безбедност, затоа што таткото протестирал против промена на името‘. На 12 јули, пак, на интернет-порталот тој објавил текст со наслов: ‘(Видео) Христовски: Мојот син е жртва, исклучен од Агенцијата за национална безбедност затоа што УБК ме следела како терорист‘. Во двата текста обвинетиот на јавноста ѝ сторил достапни копии од документи од УБK – акти од оперативна проверка на лице, кои претставуваат класифицирани информации“, соопштија од Обвинителството.

Златев, пак, се огласи на социјалните мрежи  со образложение дека објавил само информации од јавен интерес, а обвинението го нарече класичен удар врз политичките слободи на граѓаните.

„Лидер“ е еден од порталите во земјава што се спомнуваа во контекст на „унгарските пари“ што се слевале во медиуми во Словенија и во Северна  Македонија.

Најмалку четири милиони евра што Унгарците ги платиле од август 2018 година за финансирање медиуми од „кругот на партијата СДС“ во Словенија и политичко-разузнавачките операции за поткопување на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, во Словенија влегле преку сметки и компании што луѓе од најтесниот круг околу унгарскиот премиер Виктор Орбан ги отвориле во Лондон, објави словенечкиот Центар за истражувачко новинарство necenzurirano.si.

Како цел на тие финансиски трансфери, во истражувањето беа посочени македонските „Курир“, „Нетпрес“, „Лидер“ и телевизијата Алфа.

Спонзорирано