Лиле Стефанова ја обвини Катица Јанева дека барала да нема затворски казни за „Империја“

    888

    Стефанова вели дека согласност за издавање на времена патна исправа за Јордан Камчев дала Катица Јанева и тоа во време додека таа била на годишен одмор, а за одлуката и не била известена

     

    Кратко време по писменото обраќање на шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, писмено со огласи и Лиле Стефанова, предметен обвинител за случајот „Империја“, којшто изминативе месеци е во фокусот на целокупната домашна јавност. Имено, и Стефанова, како и Јанева, цени дека e неопходно во јавноста да се изнесат одредени информации за да се спречи ширењето на шпекулациите.
    „Во август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на СЈО, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за ‘неговите пријатели’, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Камчев, во објавената снимка, во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет, ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева“, вели обвинителката Стефанова и додава: “Во втората половина на декември 2018 година, како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот ‘Империја’, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги предвид сега објавените снимки. Во месец март оваа година, јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротиставување, таква согласност беше дадена.
    Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење“, вели Стефанова.
    Спред хронологијата на случувањата, на 16 април оваа година, во канцеларијата на Катица Јанева се одржал состанок на кој таа изнела одредени одлуки, а кои се однесуваат на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. На присутните им било наложено, најдоцна до шести мај, до неа да достават писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените треба да и ја платат на државата, а потоа предметите да се затворат и осомничените да не одат во затвор.
    „Јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот ‘Империја’ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“.

    Спонзорирано