Контрола во ОТА. Моментно се прислушуваат 188 телефони

149

Вкупно 188 телефонски броеви снимаат моментно Уредите на ОТА. Главно, станува збор за телефони на лица кои се опфатени со  посебни истражни мерки, така што нивното следење е со наредба од Врховниот суд и основните судови, а во најголем дел по барање на УБК и Бирото за јавна безбедност.

Претседателот на Комисијата за надзор на спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека е извршен увид во ОТА, истакнувајќи дека не се забележани неправилности во работењето.

– Од она што беше ставено на увид и што можеше да го види Комисијата, ние не забележавме прекршување на процедурата и можеме да констатираме дека во моментов ОТА работи согласно законските прописи и подзаконските акти на институцијата, нагласи Димитриев.

Тимот на ОТА брои 22 вработени.Директорот на агенцијата Зоран Ангеловски вели дека во следниот период е можно вработување на уште неколкумина но и дека со постојната бројка се покриени сите работни позиции.

– ОТА работи согласно законските прописи во државата. Комплетно сите процеси се документирани и подложни на увид, како од Комисијата за надзор, така и од другите комисии кои се надлежни за надзор врз работата на ОТА. Незаконско прислушување нема. Не постои во Македонија, потенцираше Ангеловски.

Наведе дека се изработува Протокол со спецификации во однос на тоа врз што ќе може да се врши увид.

– Опремата која ја дадовме на увид, која ја виде Комисијата е толку софистицирана што во неа не е возможно да се направат какви било интервенции и да се сокријат одредени комуникации. Се што е сработено на таа опрема постои на соодветен запис и никој во тоа не може да влезе, истакна Ангеловски.