КАВАДАРЧАНИ ОБВИНЕТИ ЗА ТРАНСВЕРИРАЊЕ НА СТОТИЦИ БАНКНОТИ ЛАЖНИ ДОЛАРИ

1357

Меѓу обвинетите најмногу се вработени во банкарска експозитура, во којашто биле заменети долари вредни 1.727.545 денари

 

Основното јавно обвинителство Велес, по темелно спроведена истражна постапка и прибавување на обемен број докази, до Oсновниот суд во Велес поднесе обвинителен акт за жител на Кавадарци за сторено продолжено кривично дело фалсификување пари и уште едно продолжено кривично дело, но за поттикнување.
Обвинителниот акт е поднесен и против седум други лица од Кавадарци за фалсификување пари, како четворица вработени во експозитура на банка, во Кавадарци, чиешто име не се соопштува. Вработените се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинителството, првообвинетиот, во временскиот период од 17. април минатата до трети мај оваа година, искористувајќи ист траен однос, во повеќе наврати, со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија. Имено, тој ја искористил деловната соработка и во експозитурата на банката пуштил во оптек 137 фалсификувани банкноти во апоени од по 50 американски долари.
Банкнотите се разликувале од оригиналните според техниката на печатење, видот на хартијата, техниката на печатење на сериските броеви, водениот жиг, заштитниот конец, оптичката варијабилна боја и неимитираната ИП заштита. Овие банкноти тој ги продал во банката со потврда за купување, односно продавање ефективни странски пари.
Во истиот временски период тој, во повеќе наврати, поттикнал уште седуммина обвинети да пуштат во оптек лажни пари во апоени од по 50 американски долари. Петмина од нив се негови роднини, еден бил вработен во неговата фирма, а еден му помагал во вршење на помошни работи. Обвинетиот им дал 559 фалв банкноти и притоа ги поттикнал да ги заменат за денари, а парите требало да се уплатат на сметка на неговите правни лица.
Обвинетите вработени во банката, од кои двајца шалтерски работници, раководител и заменик раководител на експозитурата во Кавадарци, во наведениот временски период, во повеќе наврати, неизвршување на својата службена должност, прибавиле значителна имотна корист за обвинетиот. Обвинетите шалтерски работници во банката примиле и откупиле вкупно 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари, во вкупен износ од 34.800 американски долари. Тоа го направиле без да извршат рачна и машинска обработка на банкнотите за утврдување на нивната автентичност. Раководителот на експозитурата и неговиот заменик не извршиле контрола на почитувањето и спроведувањето на прописите на Народната банка за постапување при размена на девизни средства, со што на штета на банката е исплатен вкупен износ од 1.727.545 денари.

Спонзорирано