Пратеникот Илија Димовски денеска не се појави на стартот на судскиот процес за предметот наречен „Талир“, односно за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и за незаконското постапување при изградба на седиштето на споменатата партија.
Своето неприсуство Димовски го најавил уште минатата недела, а причината е истата онаа која што тој ја наведе уште минатата недела кога се судеше предметот „Титаник“. Тогаш Димовски кажа дека тој ќе ја предводи собраниската делегација која присуствува на Парламентарното собрание на НАТО.
Денеска во судница недостасуваше и побегнатиот Никола Груевски, но за него судот именувал адвокат кој, во негово отсуство, ќе ги штити неговите интереси.
Освен споменатите на листата на обвинети се и поранешниот секретар на Владата на РМ, Кирил Божиновски, екс-министерот Миле Јанакиески, како и Леко Ристовски и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Ова е прв случај да и се суди на политичка партија за финанасиски злоупотреби тешки милиони евра.
Меѓу оние кои беа обвинети за злоупотреба на службената положба и за перење пари беше и Елизабета Чингаровска, но таа се согласи да го признае сторувањето на делата за кои беше обвинета.
И покрај нападите искажани од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, постои реална опасност партијата да остане без своето седиште, односно без таканаречената „бела палата“, бидејќи за неа има судска одлука со која се забранува оттуѓување или изнајмување, а вакви мерки се изречени и за уште 68 други објекти кои сега се во владение на партијата.