Јанакиески заработи обвинение и за „Шпански скали“

1829

Според ЈО, единаесеттемина обвинети предизвикале штета на буџетот од 163.513.868,00 денари

Подигнато е уште едно обвинение поротив поранешниот министер за транспорт и врски  во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ – Миле Јанакиески. Овој пат обвинение против него покрена  Обвинителството за гонење организиран кримина, додека претходните случаи, главно, ги отвори СЈО.

Јанакиески сега е обвинет за случајот „Шпански скали“, заедно со уште десетмина, меѓу кои и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинетите се товарат за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а едно од лицата е обвинето за „несовесно работење во службата“.

При спроведувањето на истражната постапка, како што е наведено во соопштението на ЈО, е утврдено дека во временскиот период од декември 2010 година до  август 2018 година, првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во државна сопственост, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.

Во предметот се обвинети и две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на општина Центар, едно лице кое  во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.

Според ЈО, обвинетите предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 163.513.868,00 денари.

Спонзорирано