Извршен увид по падот на хеликоптерот, не се исклучува и кривична одговорност

528

Доцна синоќа Јавното обвинителство, а по извршен увид на скопскиот аеродром каде што се преврте полицискиот хеликоптер, излезе со свое видување за овој немил настан. Имено, од скопското Јавно обвинителство потврдуваат дека е извршен увид „на Меѓународниот аеродром Скопје, каде околу 11,30 часот се преврте хеликоптер на Министерството за внатрешни работи“ и дека при вршење увид, кој го сработиле заедно со тимови на МВР, биле обезбедени трагите од хеликоптерската несреќа.
„По наредба на јавниот обвинител обезбедени се видео записите од камерите на аеродромот, како и аудио снимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот. На лице место денеска беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата. Во текот на претходната постапка, надлежниот јавен обвинител ќе издаде барања и наредби за утврдување на сите решавачки факти“, велат од Обвинитрелството и потврдуваа дека хеликоптерот се уште се наоѓа на местото и во положбата затекната непосредно по падот, но и тоа дека локацијата е обезбедена. За денеска е најавено преземање на леталото и негово транспортирање на друга локација, на која ќе биде обезбедуван се до крајот на постапката.
Во зависност од обезбедените докази како и од наодите во извештајот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа. Доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство ќе поведе кривична постапка.

(Фото: Телма)

Спонзорирано