Интерпол не распишува меѓународна потерница за азилантот Груевски

1330

За поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, каде што доби и азил, е распишана само домашна потерница. Шефицата на Обвинителството за гонење  организиран криминал и корупција Вилма Рускоска откри денеска дека, и покрај барањата испратени од Обвинителството со целосна документација, Интерпол одбива да ја објави потерницата за Груевски, кој патем издаде и книга.

Меѓународна потерница од Интерпол нема ниту за Никола Бошкоски за кого исто така е испратено барање со целосна документација.

-Интерпол не сака да ја објави потерницата за Никола Груевски. Ние испративме  целосната документација, исто така и барањето, но потерница не е објавена, односно Интерпол одбива да ја објави. Образложение за тоа до нас нема, иако нашето барање е испратено пред повеќе од два месеца“, изјави Рускоска.

Таа појасни дека исто барања било испратено за првиот предмет за настаните од 27 април за пет лица, меѓу кои Никола Митревски-Кољо и Александар Василевски-Нинџа, кои на почетокот беа недостапни на органите на прогонот. За нив Интерпол веднаш ги објавил потерниците и овие лица, како што нагласи Рускоска, се за истото кривично дело и за нив е испратено истото барање со истата потребна документација.

Рускоска информира дека ја привршува истрагата за организаторите на настаните од 27 април, со која се опфатени и Груевски и Бошкоски, покрај Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски,  и рече дека очекува до крајот на мај да биде подигнато обвинение.

 

Спонзорирано