И обвинителот Јовески со сомнежи за исплатите во СЈО

    848

    За исплатата на бонусите, односно за висината на исплатите како на обвинителите и вработените во Специјалното јавно обвинителство, така и на трети лица и институции, денеска се огласи и јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески.
    Имено, обвинителот Јовески има одредени сомнежи кога се работи за исплатата на додатоците и според неговите согледувања се покажува дека, по ист основ, на два пати се земале надоместоци.
    „Сомнение фрла тоа што додатоците за плата се класифицирани информации. Втората насока е дека платите и надоместоците се утврдени согласно закон. Како што е познато јавните обвинители по три основи имаат додатоци, но кои не може да надминат 35 проценти од плата, односно трите вида дотатоци: за ризик, за доверливост и за услови за работа. Првичните согледувања покажуваат дека, по ист основ, два пати се делеле надоместоци. Ако видите апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, дека на пример еден секретар, има поголема плата од претседателот на државата. Дали е тоа оправдано, логично, треба да процениме. Со ова не ја прејудицирам постапката што ја води обвинителството“, изјави обвинителот Љубомир Јовески за државната агенција МИА.
    Бонусите коишто Катица Јанева им ги делела не само на своите најблиски соработници, туку и на лица кои не биле вработени во СЈО, е тема за која се говори изминативе неколку дена, бидејќи се работи за исплати од неколку илјади до неколку десетици илјади евра.