И Груевски може да се најде на списокот за аболиција

1422

Веќе неколку дена претседателот Ѓорге Иванов преку молк на неговиот кабинет ја одржува во живот дилемата дали ќе се обиде да ги аболира осудените за насилствата на 27 април. Во меѓувреме, во политичките кругови почнува да се лицитира и со можност за помилување на поранешниот премиер Никола Груевски, но за предмети што против него ги води СЈО. Дури има и наводи дека Груевски, кој е сега азилант во Будимпешта, поднел барање за аболиција до кабинетот на Иванов, но никој не знае дали евентуалната аболиција за него би била само за случајот „Тенк“, за кој тој е правосилно осуден или и за другите предмети што се во фаза на истрага или е покренато обвинение.
Еленко Миланов, еден од бранителите на Груевски пред неговото бегство во Унгарија, вели дека лично не е запознаен дека е поднесено некакво барање за аболиција на поранешниот премиер. Вели дека такво барање може да поднесе и некој друг адвокат или некој од роднините. Како што посочува, ако претседателот го примени членот 11 од Законот за помилување, не ни мора да има барање за аболиција на одредена личност.
Миланов не се согласува дека членот 11 веќе не е во сила, односно дека не е вратен во правниот систем на државата, по последната одлука на Уставниот суд од 2016 година во однос на Законот за помилување. Од друга страна, токму тоа е аргумент со кој Министерството за правда и владата ја оспоруваат можноста Иванов да даде аболиција за „крвавиот четврток“ во парламентот, покрај тврдењето дека тоа не може да го направи во време на изборна кампања, односно на еден месец пред истекот на неговиот мандат. Според Владата, со укинувањето на членот 11, шефот на државата нема веќе дискрециско право да дава помилувања во исклучителни случаи без претходна постапка во Министерството за правда.
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев изјави вчера дека судот досега нема добиено никакво барање за аболиција, ниту од обвинет ниту од осудено лице. Во однос на наводите за можна аболиција од претседателот на државата, рече дека не е добро судот однапред да се произнесува и да зазема став по нешто.
– Претседателот на државата има право да донесе аболиција, и тоа е факт. Ако биде донесена аболиција, тогаш судот ќе се произнесе и ќе проценува по неа – изјави Џолев.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој е бранител на Душко Лазаров и Александар Василевски-Нинџа, ни потврди дека е поднесено барање за аболиција кај Иванов за овие двајца осудени за 27 април. Во овој случај е заобиколено Министерството за правда, затоа што и Давидовиќ вели дека е во сила членот 11 од Законот за помилување, кој овозможува аболиција како дискрециско право на шефот на државата. Посочува дека во регулативата за помилување од 2016 година е додаден и член 11-а, кој не би можел да постои доколку не е на сила членот 11. Членот 11-а, всушност, беше додаден по жестоките реакции во јавноста за колективната аболиција за случаите што произлегоа од „бомбите“. Тогаш беше предвидена можност аболирани лица да поднесат барање до шефот на државата за поништување на одлука за помилување.
– Очекуваме од Иванов да ја искористи својата законска можност и да го направи она за што посебно зборува во последно време, односно да направи чекор против селективна правда и во насока на владеење на правото – вели Давидовиќ посочувајќи на Законот за амнестија кој предвиде делумна амнестија за настаните на 27 април.
Давидовиќ исто така не се согласува дека не смеат да се носат одлуки за помилување во тек на изборна кампања. Такво ограничување, вели, не е предвидено со членот 8 од Изборниот законик, каде што е регулирано какви активности не смеат да преземаат државните органи по распишување на изборите и од стартот на кампањата.
На вкупна казна од 211 години затвор првостепено се осудени 16 лица од големиот процес за насилствата на 27 април, а петнаесетина беа амнестирани согласно со законот што го донесе парламентот пред прогласувањето на уставните измени. Највисока казна од 18 години затвор заработи поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков, за кого исто така има наводи дека поднел барање за помилување. Според Ване Цветанов од здружението „Зелена лупа“, евентуалното помилување на Чавков би претставувало директен конфликт на интереси. Овој став произлегува од информацијата на „Зелена лупа“ дека за потребите на изборната кампања во 2014 година, Чавков лично донирал финансиски средства за поддршка на тогашниот претседателски кандидат Иванов.

Целиот текст на „Независен весник“

Спонзорирано