(Фото) Обвинетите за „Рекет“ пристигнаа во судот

356

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е третообвинета во аферата „Рекет“ и второобвинетиот Зоран Милевски -Кичеец, со полициска придружба, пристигнаа во Кривичниот суд во Скопје. Тука денеска почнува судскиот процес за случајот на Обвинителството за организиран криминал, кој речиси половина година предизвикува политичко-правни потреси во земјава.

Милевски и Јанева се во куќен притвор, а од истражниот затвор во Шутка треба да биде спроведен и првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13.

Јанева е обвинета за „злоупотреба на службената положба и овластување“, за што ѝ се заканува затворска казна од најмалку три години затвор. „Боки 13“ кривично се гони за две дела и тоа „примање награда за противзаконито влијание“, за што е предвидена затворска казна од една до 10 години, и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, за што исто така е предвидена затворска казна од една до 10 години. Кичеец, пак, е обвинет за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, за што му се заканува затворска казна од една до 10 години.