ЕКСКЛУЗИВНО: ИСТРАГАТА ЗА „МПМ“ Е ЗАВРШЕНА, СРЃАН КЕРИМ ОСОМНИЧЕН ЗА ТРИ КРИВИЧНИ ДЕЛА

2413

Срѓан Керим, според ОЈО ГОКК, ќе треба одговара за: „Злоупотреба на службена положба и овластување“, за „Оштетување или повластување на доверители“ и за „Намерно предизвикување на стечај“

 

Љубиша Станковиќ

 

Кривичната истрага којашто со години наназад се водеше за сопствениците на „Медиа Принт Македонија“ е завршена!
Како што дознава „ПРАВОСУДСТВО“, истрагата финиширала некаде кон крајот на минатиот месец, а некогашниот сосопственик и директор на „МПМ“, Срѓан Керим, се сомничи за три кривични дела.
Имено, нашите сознанија говорат дека Керим од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е осомничен за сторена „Злоупотреба на службена положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик, за „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 став 3 од КЗ и за „Намерно предизвикување на стечај“!
Наведените кривични дела говорат во прилог на тоа дека вработените во „Медиа Принт Македонија“, односно дека неколкуте стотици новинари и техничкиот персонал од сега згаснатите дневни весници „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“ и од неделникот „Теа Модерна“, биле во право кога тврдеа дека згаснувањето на фирмата се прави на незаконски начин, а се со цел сопствениците да избегнат исплата на долгувањата коишто менаџментот го има кон нив.
Времето до поднесување на обвинение за Срѓан Керим, но и за Јордан (Орце) Камчев и за Јана Станисављева е кратко и според некои предвидувања тоа може да се случи најдоцна до крајот на овој месец.
Случајот на „МПМ“ беше отворен кратко време по завршувањето на штрајкот на вработените, но предистрагата за криминалите во фирмата започнаа уште на 17. февруари кога и започна штрајкот. Тој ден, во просториите на „Медиа Принт Македонија“ влегоа истражители на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) со цел да утврдат како дошло до тоа фирмата да ја финансира изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ со 300.000 евра, а нема пари за да продолжи со работа.
Во меѓувреме, Орце Камчев и Јана Станисављева своите удели во фирмата ќе му ги препуштат на Срѓан Керим, а тој, откако ќе го отвори лажниот стечај ќе предјави побарувања од 4.569.000 денари или околу 75.000 евра.
Сега осомничениот Срѓан Керим во континуитет го следат финансиски скандали. Се’ зпочнаа уште во времето ког тој беше амбасадор во Германија, но скандалот со македонската амбасада беше забошотен, како што беше забошотен и случајот наречен „750.000 евра во шише“, а за кој во Унгарија беше приведен неговиот службен возач.
Инаку, случајот на „МПМ“ беше инициран со кривична пријава поднесена од новинарите уште на почетокот на мај 2017 година. Поднесената кривична пријава беше прифатена од скопското обвинителство, но и по повеќе од една година, по неа не се постапувало. Предметот доби на интензитет кога премина во СЈО, но по неговото укинување тој беше преземен од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Осомничениот Срѓан Керим веќе неколку години наназад е жител на Опатија, откако за себе си обезбеди хрватско државјанство.

 

Спонзорирано