ДВЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА 11 ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ИЗДАВАЊЕ ПАСОШИ

1316

Првата пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи на странци, а со втората уште четири издадени пасоши во кои биле искористени повеќе матични броеви издадени на едно лице

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе две кривични пријави кои се однесуваат на аферата со издавање на македонски исправи на лица од соседни земји, а кои се поврзуваат со сериозен криминал. Првата кривична е од Единицата за финансиски криминал при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги, а втората од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Со пријавите се опфатени 11 лица кои се сомјичат дека сториле кривично дело: злоупотреба на службена положба и овластување.
Како што информираат од Обвинителството 10- мина од осомничените се лица кои се вработени во МВР, конкретно во службите за издавање на патни исправи, а едно лице се јавува како посредник при незаконското издавање на документите. Со двете пријави опфатени се 219 незаконски издадени пасоши.
„Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, пришто осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со патна исправа на Република Северна Македонија со туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората. Со втората пријава, пак, се опфатени четири незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на едно лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи“, се вели во соопштението кое попладнево го лиферуваше Јавното обвинителство од каде и информација дека од Судија на претходна постапка, од скопскиот кривичен суд, се бара мерка притвор за осум лица, од кои едно е недостапно на органите на прогонот, додека за други двајца се побарани мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавуваат кај определно службено лице, одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело. Еден од групата осомничени веќе е во притвор по предметот кој неодамна беше отворен, а се однесува на незаконско издавање на возачки дозволи.
Од обвинителството и најава дека во текот на истрагата ќе се утврдат сите факти поврзани со незаконското издавање на патни исправи, но и тоа дека поради обемноста на доказниот материјал, како и од потребата од меѓународна соработка, бил потребен период подолг од една година.
„Обвинителството во целост ќе ги истражи информациите за доспевање на податоци од постапката во јавноста во завршната фаза од обезбедувањето на доказите, односно непосредно пред поднесување на кривичните пријави. За таа цел надлежниот јавен обвинител од МВР ќе побара материјални докази дали и кои лица тие податоци ги направиле достапни на јавноста, а воедно ќе обезбеди и вербални докази во рамките на своите законски овластувања“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.​

Спонзорирано