Двајца осомничени за шверц на 180 килограми марихуана

676

Возачот, во обид да побегне удрил во три полициски возила, кај другиот осомничен полицидките службеници освен пиштол, пронашле и фалсификувана полициска легитимација

Жител на струшкото село Ливада, од Основното јавно обвинителство во Кавадарци е осомничен дека сторил кривично дело: неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и за предизвикување општа опасност, а жител на Зајас за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и за фалсификување исправа.
Истрагата за овие лица, инаку на возраст од 23 односно 31 година, се однесува на заплената на 180 килограми марихуана.
„Во текот на овој месец, двајцата заедно неовластено набавиле наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од околу 180 килограми, спакувана во седум торби, во кои имало 180 најлонски пакувања. Дрогата наменета за продажба неовластено ја држеле на неутврдено место, па вчера, со автомобил со струшки регистарски ознаки ја пренеле од Скопје, во селото Манастирец, Росоман каде биле откриени од полициски службеници“, велат од Обвинителството со тоа што појаснуваат дека откако полицајците им дале светлосни и звучни знаци за да го запрат автомобилот во кој тие ја транспортираат дрогата, првоосомничениот, Ш.А., го продолжил движењето и притоа оштетил три полициски возила, а со тоа им го загрозил и животот на полициските службеници, кои, пак, кај второосомничениот, Н. А., пронашле пиштол „Парабелум“, со калибар од 9 милиметри и рамка со 10 куршуми. Инаку, ова лице поседувало преправена полициска легитимација која гласела на друго име, но на која тој ставил своја фотографија. Кога полициските службеници кои ги запреле тој лажно им се претставил како полициски инспектор со прикажување на службената легитимација.

Спонзорирано