ДОНАЛД ТРАМП НЕ Е НИКОЛА ГРУЕВСКИ

4497

На страна зборовите на осуда кои доаѓаат од секаде, она што во овој миг делува фасцинантно е тоа што токму Трамп им се заканува на своите поддржувачи со судења и со затворски казни

Љубиша Станковиќ

Не сум убеден дека последниот говор на Доналд Трамп не е во насока на спасување на сопствената кожа, но и да е така, она што во овој момент фасцинира е заканата која што тој им ја упати на неговите поддржувачи кои се дрзнаа и влегоа во зградата на Конгресот. Жесток, во својата реторика, Трамп им порача на поддржувачите дека мора да сносат одговорност за упадот во Капитол, иако само малку време пред тоа тој, на насобраната маса и кажа дека: „Тие се нешто посебно“!
Можеби Трамп и не е толку умен, но сигурен сум дека околу себе има и такви советници кои ќе му кажат дека за она што се случи во средата се оди во затвор и тоа на издржување долгогодишна казна. Верувам дека Трамп има и такви советници кои ќе му кажат дека е време да се повлече од функцијата и дека штетата започнува таму каде што завршува партиската функција, оти, нели, се друго е држава, а тоа е многу повеќе!
Овој текст не пледира да се занимава со политика и со политички партии, но секако дека политиката не може да се избегне, бидејќи и настаните од 27. април и оние, вашингтонските, од пред неколку денови, како чинители ги имаат токму партиите и нивните членови и симпатизери.

И додека ја чекаме правната разврска на случајот со упадот во Конграсот на САД на мир можеме да ги повлечeме паралелите со случувањата од 27. април 2017 година. Имено, и во двата случаи има поттикнување кое ќе доведе до немири, упади во Собабнието или во Конгресот, расцепени глави и овој пат, за жал, петмина мртви. Разликата во овие два, навидум слични случаи, е во тоа што настаните од средата се случуваат во најмоќната земја на светот, каде што претседателот кој е на заминување не сака верификување на мандатот на новиот претседател.

Кај нас, мотивот, (ако тоа може да се подведе под терминот „мотив“) беше перфидното одбивање на старата да и го отстапи местото на новата власт. Кажано со други зборови, Никола Груевски, одлучи, преку „спикерот“ Трајко Вељаноски, да држи седница која, ,траеше” со месеци, но никако не можеше да се пристапи кон избор на нов претседател на Собранието , бидејќи новиот ќе нема проблем со новото собраниско мнозинство во кое ќе го нема Трамп…пардон Груевски! Всушност, Никола Груевски ги измисли лагите за некаква си „тиранска платформа“, за задолжително учење албански јазик, а пеењето на химната на Албанија е само знак кој им се испраќа на

„незадоволните“, кои стрпливо чекаат пред законодавниот дом. Секако дека јуришот во Собранието, Никола Груевски, го следеше од далеку. Тој, секогаш, без исклучок, беша надвор од земјата кога тука се случуваа критични работи. Груевски не е Трамп кој беше со своите поддржувачи, секако, до моментот кога „ѓаволот ја однесе шегата“, а тогаш тој прв ги нападна истите тие поддржувачи.

Некој ќе каже дека нападот и осудата искажана од Трамп е смислена со цел тој да ја избегне или барем да ја намали сопствената одговорност за с

лучувањата, но кај нас, и после три и пол години, никој, од ВМРО-ДПМНЕ, не кажа еден збор со кој ќе ги осуди тепањата на пратеници, влечењето жени за коса, кражбите на снимките од безбедносните камери и ред други дела. Никој од таму не го постави прашањето: Зошто, кога веќе била загрозена државата, „власта“ не ја преземал државниот Јавен обвинител и што тој барал во нивното партиско седиште?!

Дали и тој треба да биде обвинет, заедно со сите негови подредени и дали требало да дадат оставки како морален чин?
Кога сме кај оставките, сведоци сме дека „првиот полицаец“ на Вашингтон, од морални причини, си поднесе оставка, иако исфрлањето на демонстрантите беше изведено крајно професионално. Но човекот знае дека после упадот има пет мртви.
Кај нас, Митко Чавков, не само што дозволи тепаење на пратеници, туку и се правеше на „три и пол“. Тој цел ден бил недостапен на мобилниот телефон, се разбира освен за неговиот партиски шеф.
Само уште една споредба: Социјалната мрежа „Твитер“ го блокираше Доналд Трамп. Тоа го стори и „Инстаграм“, а потоа и многу други!
Поголема „јавна осуда“ не е потребна!
Кај нас и тука работите стојат поставени на глава. Имено, Груевски ги одстави своите поддржувачи да бидат обвинети и судени за настаните од 27. април, а тој побегна од државата.

Истите овие поддржувалчи, кои сега скапуваат во затвор и натаму имаат разбирање за него. Чинам, дека тој ги убеди дека треба да го жалат оти мора да живее во хотел, во еден од најубавите европски градови, со неколку стотици милиони евра на конто.
Републиканците му кажаа на Трамп дека ги преминал „црвените лини“ и тој запре! Груевски никако не запира!
Само, Доналд Трамп не е Никола Груевски. Тој не бега!

Спонзорирано