Адвокати-лекари и штитеници-пациенти!

3107

Некои бранители не само што знаат се за кривичното право, туку се изверзирале и во медицината, па си дозволуваат да коментираат лекари, наоди и дијагнози

 

Љубиша Станковиќ

Не може да се опише чувството кога човек ќе добие непланирана инспирација за пишување на новинарски текст, но тоа чувство добива на интензитет, доколку текстот кој ќе следи е инспириран од глупост!
Поводот за овој мој текст го најдов во информацијата која се шири на социјалните мрежи, а со која адвокат повикува новинари на прес-конференција во еден скопски ресторан, чие име нема да го споменам, токкму поради тоа што се работи за реномиран угостителски објект.
Е сега, во тој ресторан еден адвокат планира да одржи средба со новинарите на која тој ќе зборувал на тема: здравјето на неговиот клиент?!
Од своето долгогодишно искуство знам дека адвокатите се служеле и се уште се служат со медицинска документација, со која најчесто сакааат да ја презентираат здравствената состојба на своите клиенти, но речиси никој од нив не се впуштал во читање на дијагнози, во коментари на лекарски извештаи или во давање на сопствено мислење за нивниот штитеник!
Не дека нешто е сменето од она што го го наведувам, но во последно време како да се „профилира“ еден нов вид на адвокати, односно ликови кои на дадени лекарски наоди и дијагнози имаат свои дијагнози и мислења.
Некое време мислев дека се работи за правници кои со правниот факултет, паралелно завршиле и медицински факултет и дека имаат титула „примариус“ и оттука го црпат нивното знаење, но и право да ги коментираат „обичните“ лекари-специјалисти?!
Овој што сега планира средба со новинарите, по седми пат, ќе ја убедува јавноста дека обвинетиот Луј Витон има нарушено здравје, иако осум пати типот беше прегледуван и притоа не му беше констатирано ништо што би упатило на животна загрозеност. За волја на вистината, еден лекар кажа дека притворениот нема дијагноза, а друг лекар појасни дека повраќањето е последица на механичкото стеснување на желудникот.
Немам претензии да давам мислење за здравствената состојба на обвинетиот, бидејќи не само што не сум лекар, туку не сум квалификуван и како адвокатот кој се занимава со медицина, и затоа ми останува да им верувам исклучиво на лекарите!
Чинам дека занимавање со здравје е исклучиво во насока на одложување на судењето кое допрва следи, а кое е закажано за почетокот на следниот месец. Имено, кога немате аргументи, кога немате докази кои ви одат вам во прилог, веројатно се прибегнува кон тактиката: Сите на лекување, а пред се оние кои немаат никаква потреба од такво нешто!
Свежи се сеќавањата кога истиот адвокат-лекар за еден друг негов клиент-пацинет тврдеше дека е со тешка дијагноза. Драматиката со која тој ја убедуваше јавноста дека клинтот-пациент наликуваше небаре човекот е на пет минути пред умирање. Истиот тој „тешко болен“, после неколку месеци минати во притвор заврши во куќен притвор, но веројатно прошетките кои му ги препорачал адвокатот-лекар го вратија назад. По ова, на социјалните мрежи се појави фотографија на која можеше да се види клинетот-пациент, со лименка пиво и, чинам, со прасе пред него. Фотографијата предизвика бројни коментари, но јас знаев дека се работи за терапија што му ја препишал адвокатот-доктор.

П.С:
Искрено се надевам дека следната прес-конренција, наместо во кафеана, адвокатот да ја одржи во некоја приватна ординација. Не за друго, туку да за да постигне поголем ефект!