А ДА ГО ВРАТИМЕ НАЗАД АРЕСТАНСТСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ?

2260

Денешните притвореници се современи и тие бараат лекарски третман во новите, современи и приватни болници, иако неретко се покажува дека се болни без болест

 

Љубиша Станковиќ

 

Уште веднаш да си кажам дека францускиот претседател Макрон почнува да ми оди на нерви! Не, не толку поради неговото противење државава да започне преговори со Европската унија, туку поради тоа што изби на прво место на топ-вестите од земјава.
Да не го „тупи“ толку францускиот претседател Макрон и натаму вест број еден ќе беше заминувањето на некој притвореник на лекување во некоја од скопските болници. Можеби ќе звучи малку навивачки и глупаво, но за мене изминативе неколку дена главна вест беа Катица Јанева и Бојан Јовановски – во јавноста познат како Боки 13! Сега некој можеби ќе каже дека тие се осомничени и притворени лица и токму поради тоа не можат да бидат ниту вест, ниту нешто посебно интересни, но верувајте за мене тоа не не е така! Имено, изминатата недела, медиумите со неверојатна прецизност го регистрираа секое психо-физичко нарушување на здравјето на Јанева, со што известувањето беше доведено до перфекција!
Да не беа медиумите никогаш немаше да дознаеме дека поранешната шефица на сега веќе непосточекото Специјално јавно обвинителство имала висок притисок и била во прединфарктна состојба и затоа морала да биде хоспитализирана.
За тие четири – пет дена, додека Јанева се опоравуваше во приватната болница „Жан Митрев“, знаеме речиси се, освен тоа кои лекарствата ги примала како терапија и во кои дози.
Сега, кога Јанева е повторно во „Шутка“ таа веќе не е интересна, но затоа, пак, тука е Боки 13 и неговата перманентна болка во желудникот. И тој, како и неговата пријателка Јанева, редовно оди на „контроли“ во Градската општа болница и редовно оттаму се враќа без каков и да е медицински наод. Педантните „статистичари“ потврдуваат дека Боки 13 дури четири пати го напуштал истражниот затвор „Скопје“ заради прегледи и лекувања во некоја од скопските болници. Претопоследното негово заминување во болница се случи кога му се слоши и тоа во зградата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Боки во болница замина на носилка и со возило на Итна помош, но и со „стручно“ објаснување на неговата одбрана дека тој бил животно загрозен. По извршени прегледи лекарите кажаа дека не му е ништо!
За осуденикот кој се враќаше од болница и кој посака затворските чувари да му купат сендвич, а потоа на неколку часа беше во бегство, подобро и да не зборуваме.
И додека притворени и осудени лица бараат лекарски третмани, ние си ги лекуваме оние кои имаат пари да се лекуваат во приватни болници и тогаш кога немаат никаква болест.
Денеска ретко кој може да се сети дека во кругот на Клиничкиот центар постои еден објект кој се нарекува Аресантско одделение. Е во тој објект беа сместувани само оние „среќници“ кои ќе успееа да докажат дека се со нарушено здравје и дека имаат потреба од медицински третман на некоја од тамошните клиники. Не сум веќе сигурен дека некој знае кој бил последниот пациент кому наместо затвор му бил понуден медицински третман и преноќиште во тој објект?!
Порано се знаеше: ако притворениот или осудениот е болен се лекува во Клиничкиот центар и за цело време е во Арестантското одделение, а кога ќе се опорави се враќа назад од каде што бил донесен!
Со оглед на тоа што сегашните пацинети бараат посебен третман, редно е новите и современи болници да одговорат и со свои арестантски одделенија!