АКО КАЖАЛ КОП НЕ ЗБОРУВАЛ КОПУК!

2082

И без холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп знаевме дека многу работи не се како треба, само не знаевме дека на сметката на Судскиот совет легнале милион евра за проект со кој требало да се зајакне ефикасноста, очетноста и транспаретноста во работењето.

Љубиша Станковиќ

Десет дена ништо интересно не се случуваше, а што е поврзано со Судскиот совет, па требаше да се појави холандскиот амбасадор за повторно работите да си дојдат на свое место. Имено, да не беше Неговата Ексленција, амбасадорот Дирк Јан Коп, верувам дека ќе имавме уште една здодевна недела пред нас, вака човекот го предизвика Судскиот совет да одржи „работен колегиум”
Ај што не ми е баш најјасно што точно значи терминот „работен колегиум”, туку не ми се јасни и заклучоците од вчерашниот состанок на членовите на Судскиот совет. Ако се состанале само да констатираат дека разрешувањето на старата претседателка и изборот на нов претседател е во склад со законот тогаш ич и не морале да состаночат. Поедноставно ќе беше да пуштеа еден допис до јавноста и така ќе си заштедеа и време и пари.
Е сега, кога сме кај парите тие ќе се им се скратат, а со кратењето на средствата ќе имаме и оправдување дека тоа е поради ставање во мирување на проектот кој го финансираат токму Холанганите и кој се однесува на поголема отечтност во работењето на Судскиот совет. За оние кои ретко ги следат случувањата поврзани со Судскиот совет само да појаснам дека амбасадрот Коп најави суспендирање на проектот наречен „МАТРА”, а кој се однесува на јакнењето на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет. Самиот проект, изразен во бројки, чини милион евра, но она што мене ме погодува (а верувам и членовите на Судскиот совет е тоа што нашите членови на Судски совет ќе бидат ускратени за патувања во Холандија каде ќе можеа уште повеќе да се усовршат.
Не знам како се случи тоа г. Коп да изјави дека Судскиот совет се претворил во „нелегитимно тело и дека тоа е многу сериозно и болно за гледање”, кога актуелниот претседател, Сашко Георгиев, кажа дека неговиот избор, е легитимин веројатно исто толку колку што беше и разрешувањето на Весна Дамева.
Искрено, не ми е јасно од каде Судскиот совет мисли да го црпи својот легитимитет кога самата Дамева обвини дека била разрешена незаконски, односно дека при гласање за нејзина смена немало доволен број гласови? Треба ли да потсетувам дека истата таа Дамева на волшебен начин седна во фотељата на Билјана Црвенковска или дека и двете, кога ги разрешуваа, обвинија за инволвираност на политиката и за некаква „судско-бизнис спрега“?
Значи никој ништо не им импутира на членовите на Судскиот совет. Нема ни потреба за такво нешто. Членовите на Судскиот совет најдобро знаат како самите да се дискредитираат, а што се однесува до јавноста таа и натаму ќе ужива во нивното работење, бидејки таму и натаму ќе има случувања со кои веројатно уште повеќе ќе ја зајакнат ефикасноста, отчетноста и транспарентноста.
Впрочем, кој е па тој Дирк Коп да ни кажува како треба и што треба? Кас многу попознат и попочтуван е еден друг Дирк, ама тој е Кујт и е фудбалер, а нашиве се подобри „дриблери“ и од него!

П.С.
Подолго време „правниот тим“ на Боки 13 ништо не соопштил за неговата здравствена состојба. Искрено се надевам дека е подобар и дека закрепнува. Исто како и Орце Камчев. Орце, додека беше зад решетки нон-стоп беше спроведуван по болници, но штом ја напушти ќелијата веќе не се јавува ни на матичен лекар.

Спонзорирано