Скопското Јавно обвинителство за случувањата од пред Собранието на Република Северна Македонија, кои се одиграа во вторникот, отвори постапка за осум лица за кривично дело: учество во толпа што ќе изврши кривично дело, согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничените, за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му нанеле тешка телесна повреда, а на 27 полицајци, распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието и чување на јавниот ред и мир, им нанеле телесни повреди. Со дејствијата осомничените ја оштетиле фасадата на Собранието, искршиле прозорци, го искршиле објектот за обезбедување поставен од МВР, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Оттаму и информација дека тие процениле дека осомничените можат да се дадат во бегство или да го повторат делото, па затоа до Судија на претходна постапка доставиле предлог за определување притворска мерка.
Инаку, од осумтемина осомничени, шестмина се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За истиот настан се пријавени и тројца малолетници, но за нив ќе се води постапка согласно Законот за правда за децата.
ОСУММИНА ОСОМНИЧЕНИ ЗА НАСИЛСТВО ПРЕД ДРЖАВНОТО СОБРАНИЕ
Спонзорирано





