ОБВИНЕНИЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА И ЗА ПОСЕДУВАЊЕ ОРУЖЈЕ

1225

Петмина скопјани и тројца кумановци се обвинети од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека се сторители на кривичните дела: терористичка организација, служба во непријателска војска и неовластено поседување на огнено оружје.
Имено, спореед обвимнението што денеска е поднено до кривичниот суд лицата Б.Г. (28), Р.А. (31), С.И. (31), А.С. (21) и Ј.К.(25) сториле кривично дело терористичка организација, од член 394-а ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, обвинетиот Б.Ф. (33) сторил кривично дело терористичка организација од член 394-а ст.2 во врска со ст.1 и едно кривично дело – служба во непријателска војска, според член 322 став 1 од Кривичниот законик, Д.А. (21) е обвинет за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, а за истото кривично дело е обвинет и 23-годишниот И.М.(23).
Како што е наведено во обвинителниот акт, во текот на 2019 и минатата година, на територијата на нашата земја, обвинетите Б.Ф., Б.Г., Р.А., С.И., А.С. и Ј.К., станале припадници на злосторничка организација – терористичка организација со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, создадена во почетокот на 2019 година од страна на претходно обвинетиот Б.А. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група, секој од нејзините членови имал конкретни задачи, па така обвинетите Б.Ф. и Б.Г. добивале задачи од обвинетиот Б.А., при што му обезбедувале логистичка поддршка и имале задача, заедно со уште тројца претходно обвинети, да обезбедат возило со кое ќе го пренесуваат и објекти во кои ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема, да изработуваат импровизирани експлозивни направи. Обвинетите Р.А., С.И. и А.С., учествувале и во активности на собирање и обезбедување на информации од значење за целите на терористичката група и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетиот Ј.К. пак, вршел собирање, едитирање и титлување на преводи, од арапски на албански јазик, на видеа од боиштата во Сирија и Ирак и од извршените терористички напади во Франција и Шпанија, како и снимки во кои се прикажува начинот на изработка на експлозивни направи, на извршување напад врз лица, на безбедно користење на интернет апликации за комуникација и снимки со декапитација на жртвите на ИСИС, со што овозможил пристап на поголем број на луѓе до ваквите радикални содржини.
Врз основа на доказите прибавени во истрагата, обвинителството дојде до сознанија дека обвинетиот Б.Ф., како граѓанин на Република Македонија, во периодот од четврти мај до втори јуни 2014 година, активно учествувал во активностите во непријателската вооружена формација терористичка организација Исламска држава, каде бил заведен како борец.
Со истрагата било утврдено дека Д.А., во текот на минатата година, во Куманово, нелегално поседувал пиштол (марка „Застава“ со калибар 7.62 милимметри), којшто му го продал на веќе обвинетиот В.А., и дека обвинетиот И.М. поседувал автоматска пушка, автоматски пиштол „Шкорпион“ и пиштол „Застава“.
Инаку, освен обвинение, до скопскиот кривичен суд бил достави и посебен предлог, со кој се бара мерката притвор за шестмина обвинети да биде продолжена, а за е предложено притворот да им се замени за куќен притвор.​

Спонзорирано