Се бара притвор за шестмина, достапни се само двајца!

930

Сите шестмина сомничени се товарат за недозволена треговија со наркотични дроги, односно за кражба на два тона марихуана, која се случи пред само неколку дена во фирма, во селото Јосифово, а прво и второосомничениот и за фалсификување исправа   

 

Гевгелиското јавно обвинителство отвори формална кривична истрага за шест лица за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, а за прво и второосомничениот и за фалсификување исправа. Обвинителството, од судот бара притвор за шестемина осомничени за јражбата на два тона марихуана од фирма во Јосифово.
„Осомничените, по претходен меѓусебен договор, заедно на 4. овој месец, неовластено, заради продажба пренесувале и држеле 1.948 кг наркотична дрога марихуана. Истиот ден, по полноќ, засега непознати лица ја одзеле и противправно ја присвоиле марихуаната, која е сопственост на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ‘ХЕРБ Индустри ДОО Струмица’. Со употреба на сила, непознатите лица го нападнале вработениот кој бил ангажиран за обезбедувње на оштетеното правно лице лоцирано на местото викано ‘Горна маала’, во село Јосифово, Општина Валандово. Тие го удриле, го врзале со лисици, па го затвориле во една од просториите на правното лице. Потоа од магацинот на правното лице ја одзеле и ја натовариле наркотичната дрога во приколка ладилник марка ‘Smitz’, на која претходно ги извадиле регистарските таблички и на истата ставиле регистарски таблички, од друго возило, со скопски регистарски ознаки. Потоа приколката ја предале на првоосомничениот и третоосомничениот кои ја закачиле на влекач марка ‘Даф’, црвена боја, кое возило претходно било купено од осомничените со намера со него да помогнат во вршење на кривичното дело“, се вели во соопштението на Обвинителството и притоа се појаснува дека по извршената купопродажба на товарното возилото прво и второосомничениот направиле лажна јавна исправа со намера да се употребува како вистинска, ставајќи други регистарски таблички кои припаѓаат на друго возило. Тие ја прикачиле приколката ладилник со дрогата и таквите исправи ги употребиле во патниот сообраќај како вистинити давајќи ги на непознато лице да управува од Јосифово до Скопје. Сега осомничените, натовреното возило со марихуана, го следеле со уште два други камиона. Тие се упатиле во објект во Скопје, од каде возилото кое било претходно натоварено со наркотична дрога марихуана го однеле на Кванташки пазар, па потоа до село Мојанце, кај Арачиново, каде петоосомничениот зел 231,773 кила марихуана која од четврти до седми овој месец ја криел под пластеник.
Обвинителствто проценило дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека двајцата осомничените ќе се дадат во бегство, особено имајќи предвид дека четворица од осомничените во моментов не се достапни на органите на прогонот, како и поради тоа што за сите осомничени постои основан страв дека ќе ги уништат трагите од кривичните дела, ќе влијаат врз соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело, согласно член 165 став 1 точка 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, а во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот суд Гевгелија достави предлог на сите шестмина осомничени да им се определи мерка притвор.​

Спонзорирано