Судот во Велес изрече притвор за Владимир Панчевски

2275

Полиција се уште трага по Владимир Панчевски, поранешен судија, а сега обвинето лице за злоупотреби на системот АКМИС, откако судот во Велес побара да му биде одреден притвор.
Обвинетиот Панчевски заработи притвор откако денеска не се појавил на судење, на кое не се појавил и неговиот адвокат. Обвинението за сторени злоупотреби на АКМИС системот беше поднесебно уште пред повеќе од една година, а стартот на судскиот процес беше закажан за јули, минатата година, но Панчевски ги игнорираше судските покани со што судењето не се помрда од „мртва точка“.
Обвинителствто го товари Панчевски дека, од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, односно додека ја извршувал функцијата претседател на скопскиот кривичен суд, со негов потпис и со усни наредби делел предмети на судии коишто тој ги избирал, односно дека со заобиколување на системот АКМИС предметите се доделувале надвор од време на прием на предмет и му се доделувал на од него избран судија.
„Иако бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Имено, обвинетиот со ставање на писмен ‘параф’, од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси“, ќе соопшти Обвинителствтото непосредно по поднесување на обвинителниот акт за Панчевски и ќе појаснат дека тој наредил распределба четири предмети кај конкретни судии. Се работи за предмети изготвени од Основното јавно обвинителство во Скопје, но и два предмета кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од судовите во Неготино и Куманово, како и на 41 предмет од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и уште две обвиненија поднесени од Специјалното јавно обвинителство.
Инаку, Владимир Панчевски е разрешен од судиската функција, но е и правосилно одсуден за мобинг врз вработен во кривичниот суд, а против него се водат и неколку други постапки.

Спонзорирано