Списоците на Боки 13

3868

 

Потребата од медиумско внимание е смешен обид на Бојан Јовановски да дефокусира со објавување на списоци со десетици имиња на од него пријавени луѓе, а од кои буквално до вчера очекувал поддршка или пари

Љубиша Станковиќ

Ни самиот не знам зошто, повторно, му посветувам внимание на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, но знам дека ова е мојот последен текст кој се однесува на него, се разбира доколку повторно не биде осуден за неговите хохштаперлуци. Всушност, и мотивот за ова писание го најдов токму во неговите хохштаперлуци, кои изминативе денови прераснаа во „естрада“, со објава на имиња на лица кои, наводно, се виновни што тој е осуден и е во затвор.
Искрено мислам дека на младиот преварант му е потребно медиумско внимание и дека тој со листите со имиња на наводните виновници само се обидува да „остане во седло“, а во исто време да изврши дефокусирање од криминалите за кои тој допрва треба да одговара.
А дека ништо не е случајно потврда е листата со која едно време мафташе адвокатот на Боки 13 и кој се закануваше дека доколку неговиот клиент почине од карцином кривично ќе бидат гонети дестици лица. Демек, Боки 13 е многу болен, а неговиот живот вреди повеќе од животите на оние кои тогаш беа посочени си име и презиме. Само адвокатот на Боки знаеше дека има и такви кои сакаат да му го загрозат и онака кревкото здравје на Боки 13, а кој, пак, решил да си го „потсобере“ проширениот му желудник.
Да имаа памет и едниот и другиот ќе си замолчеа и ќе подготвуваа одбрана за случајот „Рекет“, а вака, после секое одржано рочиште слушаме изјави од типот: „Аааааа……Аааааа……Аааааа!“ Значи: течна и јасна мисла и со многу поенти во кажаното!
Добро, кога човек нема што да каже може и да петелчи и да завлекува, ама не и да се заканува! А токму заканите станаа заштитна марка на Боки 13 па тој ќе обвини лица од самата врхушка на СДСМ, односно токму оние од кои и буквално до вчера очекуваше поддршка. Боки ќе земе стотици илјади евра од Силјан Мицевски и од Ардијан од „Дрим билдинг“, а сега токму нив ќе ги пријавува за наводен криминал. Безобразлукот на овој хохштаплер оди до таму што ќе го пријави и новинарот Ацо Кабранов, односно човекот кој токму од него беше именуван за главен и одговорен уредник на информативната програма на сега пропаднатата 1 ТВ. Оди па заборави дека токму Кабранов му правеше интервју на Боки 13 , иако, реално типот нема што многу да каже, оти никогаш ништо не работел и никогаш ништо не сработил, но затоа, пак, Кабранов ќе каже дека Боки отсекогаш му бил интересен лик. Не знам дали и сега, (по поднесената кривична пријава) Кабранов се уште е на мислење дека Боки е интересен лик, но барем разбравме дека токму тој „лик“, од непознат број, му испраќал закани по животот.
Преварантот, да е фраер како што не е, ќе излезеше во јавност и ќе кажеше дека шурувал со Орце за милионски суми, дека безмилосно арчел туѓи пари ( свои и не можел, бидејќи никогаш и не работел), но и за уцените кои со лажно истражувачка новинарска приказна, односно преку неуспешниот проект „Инсјадер“, се обидел да искамчи пари и од самиот Зоран Азманов.
Мене, лично, не ме интересираат парите на Камчев и кој и каде ги трошел, но би сакал да знам како дојде до тоа невладината на „Меѓународен сојуз“, на Боки 13 , да добие службени простории во кругот на амбасадите на Франција и Велика Британија? Не верувам дека Боки 13 туку така им се стори сосед на двете споменати амбасади. Некој морал да го поттурне, а во исто време и да гарантира максимална безбедност за персоналот.
И како за крај, а повторно за се да биде „естрада“ мора да се спомене дека Боки 13 кривично ја пријави и Марина Туцаковиќ, жената која половина век пишува песни за музичката сцена на поранешна Југославија. Не знам каква врска има Туцаковиќ со криминалите на Боки 13 , но мислам дека Јавното обвинителство треба да стави точка на неговите барања, оти се работи за судски предмети, а не за шоу-програма наречена „Желботека“.

Спонзорирано