Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение за две лица коии се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, односно за компјутерска измама, односно дека се стекнале со противправна имотна корист од 3,4 милиони денари или околу 55.000 евра.
Како што објаснуваат од обвинителството првиот обвинет, на возраст од 26 години, ја искористил својата службена положба – помлад референт за архивирање на документација во Одделот за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и надоместоци на Град Скопје. Тој, имал контакти со граѓани кои поднесувале даночни пријави за данок на промет, данок на имот и данок на наследство, па им нудел услуга – да изврши плаќање на износот на данокот во нивно име за да не чекаат на шалтерите во банките каде се врши уплатата. Обвинетиот барал износот на данокот според решението за плаќање данок да му го дадат нему во готово, но тој наместо да го уплати целосниот износ, уплаќал минимален износ, а останатиот дел од парите ги присвојувал за себе и за неговиот пријател, кој, пак како вработен во Одделението за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци на работно место – Соработник за присилна наплата, стручни работи за прием, издавање и заверка на документи за даноци и такси имал овластување да пристапува до компјутерскиот систем на Град Скопје во кој се евидентираат уплатите од граѓаните по основ на данок. Со намера за себе и за друг да прибави противправна имотна корист, тој преку неговиот компјутер, користејќи ја сопствената лозинка, електронски ги менувал податоците за извршените уплати за данок и прикажувал дека износот на даночниот долг е целосно подмирен. Со ова тој ги доведувал во заблуда лицата задолжени за контрола на извршените уплати по различен даночен основ. По заверка на договорите од нивна страна, вториот обвинет повторно пристапувал во компјутерскиот систем и ги враќал податоците во претходната состојба на даночниот долг.
Со ваквиот начин на работење, само во 2018 и 2019 година, а преку уплати од 20 даночни обврзници, тие го оштетиле Буџетот на Град Скопје, но и буџетите на општините Бутел, Чаир, Ѓорче Петров, Центар и Гази Баба, за вкупен износ од 3.410.366 денари.
Двајца вработени во Град Скопје обвинети за измами и злоупотреби
Спонзорирано