Денешното продолжение на судскиот предмет наречен „Трезор“, кој се однесува на набавка на софистицирана опрема за прислушување, а за потребите на Управата за безбедност и контраразузнавање, започна со барање на Специјалното јавно обвинителство јавноста да биде исклучена.
Барањето на СЈО дојде непосредно пред да започне распитот на сведокот Александар Давитковски за кого беше нотирано дека е програмер во приватна компанија, но дека во време на сторување на кривичното дело бил вработен во Министерството за внатрешни работи, поточно во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде работел како самостоен инженер.
– „Барам судот да ја исклучи јавноста, бидејќи со сведочењето може да се случи да дојде до откривање на службена тајна. Ова барање се однесува и на другите двајца сведоци!“ – изјави Артан Ајро.
Барањето на Обвинителот Ајро, по советување на Судечкиот совет, беше прифатено, а исклучувањето ги опфати и другите двајца сведоци кои денеска се појавија во скопскиот кривичен суд.
За СЈО, според наводите на обвинението, спорен е начинот на кој се реализирала набавката на софистицираната опрема за прислушување. Опремата, вредна 862.045 евра, не била набавена по редовен пат, туку преку фирмата „Финзи“, чијшто сопственик извесно време бил и сега починатиот Коста Крпач.
Во случајот „Трезор“, за злоупотреба на службената положба и овластување, освен поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинети се и неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски и тогашниот началник Небојша Стајковиќ, а на Горан Груевски му се суди во отсуство.