Вкупно 38 години затвор за убиството на младиот Саздовски

979

По 19 години казна затвор добија Бесир Беља и Скендер Демири за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски.  Судијката Даниела Алексовска-Стојановска денеска при изрекувањето на пресудите рече дека двајцата се виновни затоа што заеднички го лишиле од живот Никола Саздовски.

Двајцата осудени треба да исплатат поединечно и оштета од по 1.200.000 за таткото, мајката, братот, сестрата, а за бабата на Саздовски 600 илјади денари. Обвинителот предложи  да им се продолжи притворот поради опасност од бегство.

Адвокатот на Беља, Николче Наумов побара мерката  да се замени со куќен притвор.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда. Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајца од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за трето осомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Основното јавно обвинителство за смртта на младиот Никола Саздовски – Саздо тројцата осомничени лица ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“, дело кое пред преквалификацијата се водеше како „насилство“.

 

Спонзорирано