До крајот на мај обвинение за организаторите на 27 април

1094

Најдоцна до крајот на мај очекувам да биде подигнато обвинение за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, но не очекувам дека во скоро време ќе ми се пружи прилика да го сослушам и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, порача денеска обвинителката Вилма Рускоска, шефица од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

-Добар дел од сведоците кои планирав да ги сослушам ги сослушав. Оваа недела тече распитот на обвинетите. Следната недела веројатно ќе се договорам со одбраната да извршат увид во доказите, а ќе видам и дали треба да се сослуша уште некој сведок по што ќе ја привршам истрагата, изјави Рускоска.

Таа не сакаше да прецизира каков е профилот на сведоците кои ги сослушала.

Во врска со реакциите на дел од притворените за случајот кои сметаат дека притворот им е неосновано одреден и предолг и оти досега немаат увид во доказите, Рускоска рече дека Судот треба да оцени дали притворот е основан или не.

-Јас сметам дека е основано одреден. Се работи за многу сериозно кривично дело со една обемна доказна и истражна постапка. Право на секој е да поднесе апликација до Судот во Стразбур, само не верувам дека било кој суд за ваков вид кривично дело би рекол дека четири месеци притвор е предлог притвор, потенцира Рускоска.

Посочи дека се во фаза на преведување на потребните документи за екстрадиција на последниот обвинет во првиот процес за настаните во Собранието кој е во бегство во Шведска.

-Вчера ги дадовме доказите на превод и кога ќе биде готов преводот на доказите и се она што се бара во постапка за екстрадиција веднаш ќе биде испратено до Министерството за правда, прецизира Рускоска.

Со новата истрага на Обвинителството за организиран криминал, како организатори се опфатени експремиерот -бегалец Никола Груевски, поранешниот спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот началник во МВР Никола Бошковски и бившиот директор на УБК Владимир Атанасовски.

Спонзорирано