Ситуацијата во делот на пожарите ескалира, од јануари до сега само на територијата на Град Скопје се случиле околу 700 пожари, регистрирани од противпожарната бригада на Град Скопје. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска изјави дека досега се поднесени кривични пријави против девет лица како сторители на пожари. Спасовски во однос на пожарите рече дека се подметнати најчесто од бизнис-интереси нанесувајќи тероризам на државата.
Од Јавното обвинителство велат дека се разгледуваат сите аспекти и дека согласно своите законски надлежности ќе постапува по однос на пожарите кои изминатиот период ја зафатија земјава. Од Противпожарната бригада велат дека постојат сериозни сомнежи за намерно подметнување на пожарите од страна на несовесните граѓани како и дрвокрадците. Од Противпожарната бригада апелираат да не се подметнуваат пожари и да не се палат дивите депонии, бидејќи можат да предизвикаат дополнително загадување на воздухот.
– „За разлика од минатата година кога се случиле 253 пожари, годинава за истиот период од јануари до сега се случиле околу 700 пожари на територијата на Град Скопје. Најголем дел од пожарите се како последица на земјоделците кои ги палат своите ниви за полесна сеидба, сточарите на повисоките места, а не се исклучува и можноста од намерно палење на шумите од страна на дивите крадци кои потоа изгорените дрва ги користат.“ – велат од Територијалната противпожарна единица на Градот Скопје
Од Центарот за управување со кризи информираат дека активни пожари се’ уште има во Битолскиот и во Кумановскиот регион.
Пред неколку дена директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски во изјава за ТВ 24 рече дека е потребна итна измена на Законот за шуми, а и построги казни за сторителите, и дека подметнувањето на пожарите треба да се изедначи со тероризам.





