(Видео) Посебна комисија ќе ја истражува воздухопловната несреќа кај Солунска Глава

1103

Со ДНК-тест ќе се утврдува идентитетот на загинатите во авионската несреќа која се случи кај Солунска Глава, а во која загина четиричлено семејство од Бугарија.

Како што пренесе бугарската БГнес, министерот за внатрешни работи на Бугарија Младен Маринов информирал дека за потребите на експертизата ќе бидат земени примероци од блиски роднини на загинатите, бидејќи телата биле јагленосани и не можат да се идентификуваат на друг начин.

-За да се забрза целата процедура роднините на семејството ќе треба да отпатуваат во Северна Македонија, истакна Маринов нагласувајќи дека Бугарија ќе помогне со се што е потребно за да се намали нивната болка.

Во Скопје денеска владиниот Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, исто така, одржа прес-конференција за авионската несреќа. Претседателот – истражител на Комитетот Зоран Илиевски  презентираше досегашни сознанија од истрагата по трагичната несреќа, за што објасни дека по завршениот увид се утврди декаавионот е паднат во особено тешки услови, особено поради снегот на повисоките места на планинскиот врв Солунска Глава. Истрагата е во тек.

Донесена е одлука за формирање Комисија за истражување на воздухопловната несреќа која ќе биде составена од членови на Комитетот и надворешни експерти од домашните институции и компании, а ако е потребно ќе бидат вклучени и агенции или центри за истраги од соседството или други држави.

Од август минатата година, воспоставена е соработка со Центарот за истраги на авионски несреќи во соседна Бугарија, а наскоро ќе се потпише и меморандум за соработка меѓу владините комитети за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти на двете држави.

Спонзорирано