Од шверцот на тутун државата, само во минатата и половина од оваа година, е оштетена за повеќе од 7,3 милиони евра
Акцијата која од рано утро беше спроведена во скопското село Љуботен, а со која раководеше Управата за финансиска полиција, а во соработка со Министерството за внатрешни работи, резултираше со заплена на 12 тони тутун. Според објаснувањата на директорот на УФП, Арафат Муареми, акцијата не била насочена кон жителите на селото, туку кон правни лица кои немале никакво покритие за увоз на тукун, иако се работи за акцизна стока. Имено, директорот Муареми проценува дека за само две години, од затаен данок на увоз на тутун, државата била оштетена за 7,3 милиони евра.
Според кажувањата на директорот на УФП, Арафат Муареми, се работи за увоз на тутун од соседните земји, но тој потоа, на црно им се дистрибуирал на заинтересирани лица кои, пак, по извршена преработка нелегално го дистрибуирале на пазарот. Со ваквиот начин на работење само минатата година државата била оштетена за 5,5 милиони евра и уште дополнителни 1,8 милиони евра оваа година.
Инаку, освен споменатите количества на тутун полицијата заплени и машини за негова преработка, но барем засега никој од шверцерите на тутун не е приведен.