Согласно првостепената прсуда сите потпишани договори кои се однесуваат на изградбата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ се поништуваат
Нови шест години затвор за поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер на Владата на РСМ, Никола Груевски и условна казна во траење од две години за неговиот генерален секретар, Кирил Божиновски изрече денеска судечки совет на скопска „единица“, со кој претседаваше судијката Даниела Алексовска Стојановска.
Станува збор за „вториот дел“ од предметот наречен „Талир“, а којшто се однесува на незаконската изградба на централното партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ кое според првостепената пресуда се конфискува, како и опстварената имотна корист, а сите договори кои се однесуваат на изградбата се поништуваат.
Судот немал дилеми дека Никола Груевски и Кирил Божиновски само привидно создавале слика дека изградбата е во регуларни рамки, односно дека се’ се работело со договори кои се спротивни на законот. Како илустрација на ваквиот начин на работење судот го посочи примерот со опремата во фитнес-центарот вредна 65.000 евра, а на јавноста и’ остави да процени дали објект вреден седум милиони евра може да се подведе како објект од јавен интерес.
Инаку, според Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба овозможиле скопски „Бетон“ да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија. ВМРО-ДПМНЕ ја искористила состојбата на зависност во која се наоѓал „Бетон“, бидејќи повеќе од 75 отсто од приходите му биле од државни органи, од единици на локална самоуправа или од јавни претпријатија, а сите претставувани и раководени од функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ имало инвестициска вредност од 424.733.242 денари, односно 6.906.231 евра, но и уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582 денари, односно 2.155.668 евра, иако вложувањата на ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400 денари или 815.323 евра.
На ваков начин била прибавена имотна корист за ВМРО-ДПМНЕ 507.164.424,00 денари или 8.246.576 евра.
Инаку, на барање на некогашното СЈО „белата палата“, но и за уште 68 други објекти беше побарано „замрзнување“, односно судска забрана за отуѓување со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп.