Сѐ уште се бара чаре за СЈО

1885

Дескоска посочува дека „ѓаволот се крие во деталите“, додека Јанева очекува што поскоро да се најде решение за нејзиното обвинителство

Веќе се кристализира тоа дека СЈО ќе биде посебен орган, но тоа прашање целосно не е затворено, со оглед на тоа што клучните прашања не поминале, изјави денеска министерката за правда Рената Тренеска Дескоска во врска со преговорите околу новиот закон за јавно обвинителство.

Околу истрагите по 30 јуни 2017 година, Дескоска повтори дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е  се да биде прекинато

-Сите докази, не само снимките, туку и сите материјални докази кои се собрани да не се користат односно да бидат уништени, појасни таа.

Одговарајќи на прашањето зошто повторно бараат да не важат доказите откако се согласија јавно секој обвинител да одлучи кои докази ќе ги користи, Дескоска рече: ѓаволот е во деталите.

– Кога ќе треба да го регулирате тоа што искрено или отворено е кажано,  правно да го формулирате, гледате дали постојат замки или не во одредени ставови, изјави Дескоска.

Таа не сакаше да коментира дали е оправдан оптимизмот на премиерот Зоран Заев дека до 15 овој месец ќе има конечно решение. Истакна дека премиерот бил оптимист во ситуации кои изгледале нереални и тој оптимизам се покажувал  основан.

Специјалната обвинителка Катица Јанева, пак рече дека очекува да се најде решение за СЈО и дека таа се надева на уште еден мандат.

-Верувам во процесот на преговорите или прифаќањето на амандманите од страна на опозицијата затоа што се работи за врвни професионалци, како од страна на Владата, така и од страна на опозицијата, со исклучок на некои личности поврзани со нашите предмети кои веќе не се во преговорите, рече Јанева.

Ова го изјави специјалниот јавен обвинител Катица Јанева во однос на денешните разговори за новиот закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Во однос на предметите на кои ќе работи СЈО, Јанева рече дека треба да се почека конечното решение со новиот закон за јавно обвинителство.

– Верувам дека ќе биде поволно врз основа на тоа што неофицијално сум го слушнала, немам официјални информации, изјави Јанева.

Изрази задоволство од тоа што прислушуваните разговори, како што рече, нема да бидат слушани, но ќе има простор да бидат анализирани од судот, а ќе бидат и дел од доказите ако има предмети во судот.

СЈО, најави Јанева,  работи на предистражни и истражни постапки кои се во нивна надлежност, но отворени се и повеќе нови предистражни постапки во однос на преостанатите разговори.

Таа потенцира дека се очекува да се донесе новиот закон за јавно обвинителство по што СЈО ќе се насочи понатаму со останати предмети.

За барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ревизија на работењето на СЈО, вклучувајќи го и финансискиот дел, Јанева кажа дека ревизија може да прават само судот и Советот на јавни обвинители, а за финансиските прашања СЈО е секогаш транспарентно.

За предлогот на власта Комисија да одлучува за предметите на СЈО после 30 јуни 2017 година, Јанева смета дека треба да има некое преодно решение.

– Мислам дека не треба да има такво тело од тројца обвинители, но сметам оти и тие ќе бидат свесни дека ќе треба најбргу што може да ги анализираат тие процеси, изјави Јанева.

 

Спонзорирано