СУДСКИОТ СОВЕТ ДЕНЕСКА ЌЕ УТВРДУВА ЕВЕНТУАЛНА ОДГОВОРНОСТ НА ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА

1235

Во пресерет на денешната седница, судијката Лидија Неделкова, бара од Судскиот совет да и овозможи лично присуство, како и присуство на делегиран претставник од Здружението на судии, а кој би го одредил самото Здружение

На за денеска заажана седница Судскиот совет ќе расправа по Извештајот од Комисија за утврдување на одговорност на судија – претседател на суд, односно ќе ја разгледува евентуалната одговорност на поранешната претседателка на скопскиот кривичен и на Врховниот суд на РС Македонија, Лидија Неделкова.
Иако во извештајот стои дека се бара одговорност од Неделкова, сепак во нејзиниот случај таа не одговара за пречекорување на службените овластувањата што ги имала како судија или како претесдател на суд, туку по иницијатива која потекнува од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски.
Имено, преставката којашто Вангеловски ја поднесе против Неделкова, според познавачите на состојбите, претставува негов своевиден „реванш“, бидејќи токму таа поведе кривична постапка за екс-претседателот на Врховниот суд, заради сторени злоупотреби.
„Се работи за една од повеќето пријави кои поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, ми ги поднесуваше поради нетрпеливост околу еден случај. Таа постапка нема никаква врска со некакви предмети или незаконско постапување, туку негов аспект околу работните односи, користење на работното време, значи нема врска со никаков предмет“, изјави неодамна Неделкова.
Она што, пак, е извесно е дека Неделкова се уште ја нема примено одлуката на скопското Јавно обвинителство со која тие ги отфрлија кривичните пријави што таа го поднесе против претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев и членовите Гордана Спиреска и Весна Дамева. Токму поради наведеното останува непознато дали таа ќе вложи жалба до Вишото обвинителство или се ќе се заврши со веќе донесената одлука, која, пак, може да претставува пречка при донесување на каква и да е одлука.
Како што веќе објави „Правосудство“, Лидија Неделкова, освен кривични пријави, поднесе и три барања за изземања на веќе споменатите, притоа повикувајќи се на кривичните пријави. За волја на вистината таа, со четвртото барање побара изземање на уште едно лице, член на Судскиот совет, поради негова близина со еден од адвокатите кои ја застапуваат.
Што се однесува, пак, до самата Неделкова, таа писмено се обратила до Судскиот совет и до Здружението на судии.
Се работи за три писмени барања од кои две се упатени на адреса на Судскиот совет, а едно до здружението на судии. Имено, судијката Неделкова бара од Судскиот совет да и овозможи нејзино лично присуство на закажаната седница, но и делегиран претставник од Здружението на судии, а кој би требало да биде определен токму од самото Здружение.
Дали се работеше за коинциденција или целиот след на случувања има еден поинаков тек засега е тешко да се каже, но отфрлањето на кривичните пријави се совпадна со изборот на судијката Беса Адеми за нов претседател на Врховниот суд, а за која функција аспирант беше и Лидија Неделкова.

(Љ.Станковиќ)

Спонзорирано