Судија на судија му се заканувал со пиштол и – ништо! Претседателката на Судскиот совет не доставила на време анкетен лист и пак – ништо. Можеби и заради ваквите случаи и довербата во судството е едно големо – ништо?
Нешто е само платата на Софијанова, но и за тоа веќе никој ништо не зборува
Љубиша Станковиќ
Една, само навидум, обична вест, објавена некаде кон крајот на минатиот месец, ми го привлече вниманието. Се работи за инцидент во кој едно лице, со пиштол, му се заканило на свој сограѓанин.
За многумина ваквата вест не претставува ништо посебно и е неинтересна, бидејќи заканите од ваков вид кај нас како да се нормална и редовна работа, но трагајќи по веста дојдов до сознанија кои упатуваат на тоа дека тој кој што се заканувал е пензинониран судија во еден од повисоките судови, а дека лицето кое било на нишан, исто така е судија во активна служба.
Почитувајќи ја пресумпцијата на невиност нема да ги објавам имињата на инволвираните во инцидентот, па дури ни нивните иницијали, но ќе морам да го отворам прашањето за однсувањето на носителите на судска власт, ама и за (не)однесувањето на надлежните институции.
Мене ми е далеку од умот дека судија со себе носи пиштол и со него му се заканува на свој колега. Не можам да разберам како е можно лица, интелектуалци, судии, да се шетаат со пиштоли и со нив да се закануваат. Да не се правници, да не се судии, можеби и ќе им одбиев на непромисленоста, но дека тоа го прават луѓе кои за такви и(ли) слични инциденти самите ќе изречат тешки казни е навистина несватливо. Колку ли е големо недоразбирањето меѓу нив двајцата па морало да се извади пиштол?
Туку, она што мене ме засега многу повеќе од самиот настан е однесувањето на нашите правосудни органи. Реакција на овој случај не видов ниту од Јавното обвинителство, ниту од Судскиот совет, па дури ни од Здружението на судии. Еве, ќе помине еден месец од настанот, а за него никој (освен МВР кој што и го пријави инцидентот-з.а.) ништо не кажа.
Не сакам да верувам дека споменатите институции намерно го одмолчуваат инцидентот заради „мир во куќа“, но ако е тоа навистина така, тогаш и не треба да чуди што довербата во судството е само осум проценти, со тендеција и натаму да паѓа.
А кога веќе го споменав Судскиот совет не можам да побегнам од најновиот скандал кој лично се врзува со името на претседателката на ова тело. Имено, Павлина Црвенковска, деновиве и’ беше изречена парична глоба во висина од 150 евра поради ненавремено пријавување на имотата состојба, односно заради доцнење со доставувањето на анкетниот лист, а во кој, според Државата комисија за спречување на корупција (ДКСК), биле констатираи „недоследности во податоците“. Имено, од ДКСК кажаа дека недоследности имало и во именувањето на фирми кои биле во сопственост на нејзини блиски. Вака кажано, нема дилеми, дека ДКСК само сакал да не’ потсети дека сопругот на Црвенковска, од сега веќе пропадната „Еуростандард банка“, подигнал кредит во висина од 1,6 милиони евра и дека не само што парите не биле вратени, туку не биле наведени во анкетниот лист на претседателката?!
Доколку и ова се покаже како точно, тогаш може само да очекуваме уште еден, нов пад на довербата во судството, во судовите и во судиите…
На крајот само кратко би се навратил на случајот на директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова, но не поради тоа што и овој скандал траеше цели три дена, туку поради тоа жената имала кредити, ама за разлика од претходниот случај, таа редовно го плаќала.
Немам намера да докажувам било што, а најмалку дали требало да зема 3.000 евра за дежурства за кои, ете, нели, не беа напрвени проверки дека таа дежурала и дали парите и’ биле исплатени согласно правилникот, ама им се чудам на обвинителите кои како не ги заинтересира случајот, оти и тие дежураат, ама се многу, многу помалку платени од докторката или, пак, не се толку големи професионалци како Софијанова…