СУДИИ, ЃОНОВИ, ОЦЕНКИ И ОСТАВКИ

2109

Судиите, чии имиња се најдоа во извештајот на СЈО и после поминати три дена не размислуваат да си поднесат оставки

 
Тие зборуваат за оценување на квалитетот на нивното работење, иако забораваат дека Обвинителството не дава оценки, туку обвиненија

 

 

Љубиша Станковиќ

 

Еве веќе е трет ден откако Специјалното јавно обвинителство го презентираше својот најнов, полугодишен извештај и во кој беа споменати имиња на судии кои им се ставиле на услуга на Никола Груевски и на Сашо Мијалков, а рекации – нема! Нема ни контра-реакции!
Изгледа дека ќе поминат уште многу денови, ама оставка, никој од споменатите, не планира да поднесе.
Да бидам искрен и не очекував дека тие самите ќе си заминат од функциите кои сега ги извршуваат и за кои се „дебело“ платени од граѓаните на оваа земја. Не очекував оставки од нив, но на момент се понадевав дека и тие имаат совест и дека слушнале за „оставка од морални причини“?!
А, токму терминот „морални“, ми ги „уби“ надежите дека Софија Лаличиќ, Александра Зафировска, Светлана Костова и Јово Вангеловски ќе си дадат оставка, а потоа преку институциите на системот ќе докажуваат дека СЈО, можеби, и не бил во право кога ги обвини дека една смена работеле како судии, а веќе во втората смена биле соработници или љубовници.
Па да имало тука морал тие не требало ни да се пријавуваат за судиски функции, се разбира доколку тоа од нив не било побарано од Груевски и Мијалков или доколку не им дошол редот, според тефтерчињата.
Што да се каже на констатацијата на СЈО дека судијката Софија Лаличиќ, односно нејзините конекции со извршната власт не завршувале во моментот на нејзиниот избор за судија, туку дека по нејзиниот избор за судија постои флагрантна повреда на независноста на судството и злоупотреба на угледот на судиската функција. За неа СЈО ќе каже дека дека била во ставена во функција на задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе и ред други, слични обвинувања за на крајот да се заклучи дека таа била се само не и судија.
После една ваква констатација оставка е најмалку што може да се очекува од судијката Лаличиќ, но таа не само што тоа нема да го направи, туку во јавноста ќе излезе со теза дека нејзината работа ја ценат и оценуваат други инситуции!
Нема дилеми дека за сработеното таа треба да добие оценка од Судскиот совет, но тоа е компленто „промашена тема“. Имено, Софија Лаличиќ знае дека СЈО не ја оценува нејзината работа, туку дека зборува за нејзе и нејзиното работење надвор од судот и за потребите на Мијалков, но и тоа дека СЈО е орган на прогон, што, пак, може да имплицира некои други асоциации.
Втората работа што Лаличиќ треба да ја знае ( а јас лично верувам дека знае – з.а.) е тоа дека во Судскиот совет е Александра Зафировска, односно жената која се посочува како директен извршител на брачната двојка Маневски. Александра Зафировска се доживува како „тутор“ на сегашниот претседател Зоран Караџовски и од нејзе не се очекува оставка. Значи – ѓон!
За Светлана Костова и натаму останува нејасно дали работи како судијка или се уште е во Управата за безбедност и контраразузнавање или истовремено е на двете позиции? Она што е извесно е дека ниту од неа може да се очекува оставка. Образ – ѓон!
За крај само ќе го споменам Јово Вангеловски. Мислам дека е сосема доволно.
Мислам дека листата на СЈО ќе биде „проширена и надградена“ со уште многу други имиња на судии, но и на обвинители, а дека новите имиња наместо во извештаи ќе ги читаме во судски предмети.

Спонзорирано