Специјалната обвинителка заврши во притвор

1142

На специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ѝ е одреден триесетдневен притвор и таа, со полициско возило,  е префрлена во истражниот затвор во Шутка.

Судија на претходна постапка ѝ одреди притвор за случајот „Рекет“, по барање од Јавното обвинителство, а поради сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувања, заради стекнување лична корист. Распитот на Јанева траеше околу четири часа, а таа беше придружувана од нејзиниот адвокат Стеван Павлески. Во еден момент, на Јанева ѝ се слошило, по што беше повикана брза помош. Потоа, распитот продолжи.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковка, по излегувањето од Кривичниот суд, изјави дека сметале оти во овој момент е неопходно да се одреди мерка притвор за Јанева.

Таа нагласи дека истрагата е се уште отворена и додаде дека постои судир на интереси поради тоа што Павлески е адвокат на Јанева, а исто така го застапува и Цветан Панделевски, осомничен во „Империја“. Додаде дека, на нејзино барање, Павлески преземал обврска да ги откаже полномоштвата за осомничени во други предмети на СЈО. Русевска додаде дека засега нема други осомничени во „Рекет“, но тоа не значи дека истрагата не може да се прошири и на други лица.

Во овој случај, претходно се осомничени Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, кои подолго од еден месец се во притвор во затворот во Шутка под сомневање за примање награда за противзаконско влијание и перење пари.

На Јанева ѝ е дозволено утре, со полициска придружба, да присуствува на погребот на нејзината мајка во Гевгелија.

Спонзорирано