Денеска на распит е повикана Јасна Мандиќ, утре доаѓа пратеничката Фросина Ременски, а до петок ќе бидат распрашани Бојан и Миле Јовановски и Христина Блажевска
Се пореални стануваат најавите на Јавната обвинителка, Вилма Русковска, дека веќе следниот месец може да се очекува обвинение за случајот наречен „Рекет 2“, а во кој освен веќе обвинетиот Бојан јовановски ќе се најдат и некои негови блиски соработници во невладината организација наречена „Меѓународен сојуз“.
Оптимизмот на оваа претпоставка се темели на основа на интензитето на случувања поврзани со „Рекет 2“. Имено, утринава на распит пред обвинителката Русковска, беше спроведена потпретседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, која се сомничи за кривични дела: измама и перење пари. И додека Мандиќ ја дава својата одбрана пред обвинителството, оттаму излезе пратеничката Фросина Ременски која и денеска, како и во петокот, вршела увид во доказите. Ременска не сака да ги коментира доказите, бидејќи тоа било во надлежност на институциите, но таа потврдува дека уште утре, за кога е предвидено таа да даде свое видување на настаните ќе дала одговор на сите прашања коишто ќе и бидат поставени. Инаку, Ременска потврди дека „два дена гледала се, само докази не“ и појасни дека таа нема ставено потпис на ниту еден документ кој бил доставен до обвинителството.
Според планот Боки 13 , неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска ќе треба да дадат исказ заклучно со петок.
Новата постапка се однесува на измама на две градежни компании. Едната фирма е од Битола, а другата од Струга. Ним им биле побарани пари за наводна изграда на домови за стари и изнемоштени лица.